SafeJournalists: Закани кон блогерот, колумнист и активист Срѓан Пухало од Босна и Херцеговина

SafeJournalists: Закани кон блогерот, колумнист и активист Срѓан Пухало од Босна и Херцеговина

Познатиот блогер, колумнист и активист од Босна и Херцеговина Срѓан Пухало доби бројни закани, вклучително и смртни закани, откако објави авторски коментар на порталот ,,Analiziraj.ba” на тема наслови и изјави во медиумите од страна на официјални лица за бројот на убиени деца во опсадата на Сараево.

Десетици закани до Пухало беа главно упатени од различни кориснички профили на Твитер. На Пухало во тие закани, меѓу другото, му било напишано да „пази каде оди“, да го „убијат“, „мачат“, „тепаат“, да не му дозволуваат повеќе да шета низ Сараево и сл. Пухало ги пријави заканите на линијата за помош за слободни медиуми.

Срѓан Пухало рече дека не знае на кој начин неговиот напис ги навредил убиените деца.

„Многу пати ја читав мојата статија и не можам да разберам како ги навредив убиените сараевски деца и нивните родители? Зошто е навреда ако 27 години по војната инсистирам дека точниот број на убиени деца во Сараево мора конечно да се утврди? Во ниту еден мој текст не потврдив дека бројката е неточна, но дека не е поткрепена со факти“, рече Пухало.

Генералниот секретар на Здружението на новинари на БиХ, Борка Рудиќ, изјави дека вербалното насилство врз Срѓан Пухало и неговото право на слобода на изразување е неприфатливо.

„Смртните закани и заканите по безбедноста не смеат да бидат мотив или одговор на несогласувањето со ставовите на авторот и неговиот обид да отвори јавна дебата за болните теми за бројот на жртвите на опколено Сараево. Посебно загрижува поттикнувачките акции на одредени медиуми, кои со директно пренесување на коментари со омраза и други објави од социјалните мрежи за Пухало создаваат платформа за умножување на насилството“, рече Борка Рудиќ.

Здружението на новинари на БиХ ги повикува полицијата и судските власти да го истражат овој случај и да ги санкционираат ширителите на омраза и сите оние кои ги загрозуваат личните и професионалните права на Срѓан Пухало.

Мрежата ,,SafeJournalists”, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се придружува на својата членка на Здружението на новинари на БиХ во осуда на заканите кон Срѓан Пухало. Бараме итна реакција на истражните органи и во Федерацијата БиХ и во Република Српска, да го истражат овој случај и да ги санкционираат лицата кои стојат зад заканите.

,,SafeJournalists” мрежата ќе ги информира релевантните меѓународни чинители за овие случаи.

Секој напад врз новинари е напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб – Тирана, 12.05.2022

 

Здружение на новинари на Македонија

Здружение на новинари на Косово

Здружението на новинари на БиХ

Здружение на новинари на Хрватска

Независното здружение на новинари на Србија

Синдикатот на медиуми на Црна Гора