Откако на 4 август на веб-страницата Gorazdevac.com беше објавен написот за суспензијата на Д.Б., командирот на полициската станица во Гораждевац, поради злоупотреба на службената положба со собирање потписи за смена на колега од албанска националност, синот на вработен во полициската станица во Гораждевац Момир Булатовиќ дошол пред просториите на Радио Гораждевац и многу агресивно упатувал вербални закани до шефот на Радио Гораждевац, Милиќ Петровиќ. Заканите биле пријавени во полиција, а со решението на јавниот обвинител во Пеќ на Момир Булатовиќ му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа.
Како што е наведено на веб-страницата Gorazdevac.com, Булатовиќ вербално му се заканил на новинарот Петровиќ: „Ќе стегнете заби ако не го повлечете спорниот текст“ и му дал рок да го стори тоа. Потоа, Булатовиќ имал неколку телефонски повици каде рекол дека „имаат проблем“.
Потоа, додека новинарот на Радио Горждевац, Дамјан Портиќ, чекал да даде изјава во полиција како сведок, мајката на Булатовиќ, која е вработена во полициската станица во Гораждевац, продолжила вербално да го навредува.
Здружението на новинари на Косово ги осуди заканите кои директно влијаат на безбедноста на новинарите и ги повика органите на прогонот да го третираат овој случај како приоритет.
Мрежата SafeJournalist, која застапува над 8.200 медиумски работници во Западен Балкан, се придружува на својот партнер, Здружението на новинари на Косово во осудата и ги повикува надлежните институции што поскоро да ги санкционираат оние кои им се закануваа на новинарите на Радио Гораждевац и покажуваат тој пример дека се подготвени да ги заштитат новинарите и да им овозможат безбедна работа без притисок.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.
Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 5 август 2022 година
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независното здружение на новинари на Србија
Синдикатот на медиуми на Црна Гора