Мрежата SafeJournalists остро ги осудува опасните манипулации и закани насочени кон новинарите и студентите од страна на српските власти, предводени од претседателот Александар Вучиќ, во време на масовни протести во Србија. Овој притисок кулминираше со јавно разоткривање на безбедносниот ризик за Матеј Девчиќ, новинар на порталот Telegram.hr, кој известуваше од Србија.
Според достапните информации, Воислав Шешељ, осуден воен злосторник, ги објави личните податоци на Девчиќ во програмата на телевизијата Информер. Телевизијата го прикажа личниот документ на Девчиќ со тврдење дека тој е дел од странски „тренери“ на лидерите на протестите, а исто така беше објавена и адресата на хотелот каде што бил сместен.
Новинарот Матеј Девчиќ изјави дека е шокиран од овие невистинити и опасни обвинувања и објавувањето на неговите лични податоци. Останува прашањето – како таблоидната телевизија и осудениот воен злосторник дошле до неговите лични податоци? Оваа ситуација отвора сомнеж за можната вмешаност на српската полиција или разузнавачки служби, што дополнително го отежнува овој случај.
Мрежата SafeJournalists ги повикува надлежните институции на Република Србија итно да спроведат истрага и да објават кој ги направил достапни личните податоци на новинарот и да обезбедат одговорност за оние што го сториле тоа.
Мрежата ја поздравува реакцијата на Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска, кое го осуди ваквото однесување. Исто така, ги повикуваме хрватските власти, вклучително и Претседателот на Република Хрватска, премиерот и министерот за култура и медиуми, јавно да го осудат овој чин и да преземат сите потребни мерки за заштита на безбедноста на хрватските граѓани кои престојуваат во Србија.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители.
Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 17.1.2025
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора