Податоците од мрежата SafeJournalists покажуваат дека Индексот за безбедност на новинарите во регионот на Западен Балкан за 2023 година е во мало опаѓање.
По повод Меѓународниот ден на човековите права, мрежата SafeJournalists укажува на недостатокот на политичка волја за спроведување на неопходните реформи во областа на слободата на медиумите во земјите од Западен Балкан. Специјални механизми за заштита на новинари од говор на омраза и сериозни закани не се воспоставени, или, каде што постојат, не се доволно ефикасни.
Наместо јавно осудување на заканите и нападите врз новинари, јавните функционери учествуваат во кампањи на клевети, создавајќи атмосфера на линч и поттикнувајќи дополнителни онлајн закани, кои се најраспространетиот облик на притисок врз новинарите. Многу новинари одлучуваат да не ги пријавуваат заканите до надлежните институции, бидејќи претходното искуство покажува дека само мал број случаи се решаваат со осудителна пресуда. Жените новинарки често не пријавуваат закани од страв од одмазда.
Покрај заканите, стратегиските тужби против јавното учество (SLAPP) се многу популарна форма на притисок врз медиумите и новинарите, а домашните судови генерално не ги препознаваат како такви.
Албанија
Индексот за безбедност на новинарите за Албанија за 2023 година е во мало опаѓање. Тужбите против новинарите во Албанија се зголемија, при што многу од нив се гледаат како SLAPP тужби наменети за замолчување на истражувачкото новинарство. Значаен случај предизвика загриженост за доверливоста на изворите кога властите запленија лични и професионални материјали на новинар. Во Албанија не е забележано подобрување во воспоставувањето на специјализирани единици или протоколи за истражување на напади врз новинари. Истражувањата за сериозни физички напади и онлајн вознемирување останаа недоволни, создавајќи чувство на неказнивост.
Хрватска
Индексот за безбедност на новинарите за Хрватска за 2023 година е во опаѓање во споредба со претходната година. Најавените измени на Кривичниот законик поврзани со „протекување на информации“ претставуваат закана за заштитата на новинарските извори, а предлогот на работниот документ за новиот Закон за медиуми спомнува воведување регистар на новинари и можност издавачот да не објави новинарски труд без консултација со новинарот и уредникот. Главните промени во 2023 година се однесуваат на подобрување на соработката меѓу полицијата и новинарите преку новиот Договор за заштита на новинарите и имплементација на протоколот за однесување на полицијата.
Косово
Во 2023 година, индексот за безбедност на новинарите за Косово беше во мало опаѓање. Законите за клевета ги приоретизираат слободата на изразување во согласност со европските стандарди, но SLAPP тужбите остануваат честа појава против новинарите и активистите. Иако постои законска заштита во Кривичниот законик од сериозни закани, отсуството на систематски процедури за проценка на ризик ја прави оваа заштита непотполна. Соработката со косовската полиција останува силна, но истражувањата на физичките напади и транспарентноста на судските постапки се слаби.
Црна Гора
Индексот за безбедност на новинарите за Црна Гора за 2023 година е во мало опаѓање. Бројот на напади врз новинари е намален, а голем дел од случаите се решени или се во процес на решавање. Од друга страна, старите и најсериозни случаи на напади врз новинари сè уште не се решени. Не се воспоставени специјални механизми за заштита на новинарите од говор на омраза или сериозни закани за нивниот живот, ниту пак постојат специјални механизми за пријавување напади и закани. Иако измените на Кривичниот законик ја подобрија превентивната заштита на новинарите и ги зголемија казните за напади врз нив, обвинителската и судската практика сè уште не гарантираат построги казни. И покрај одредените позитивни промени, како зголемувањето на платите и намалувањето на бројот на напади врз новинари, овие подобрувања не се чувствуваат доволно, бидејќи инфлацијата ги поништува зголемувањата, а нерешавањето на сериозните случаи на напади го одржува општото чувство на несигурност меѓу медиумските работници.
Северна Македонија
Иако со мало опаѓање, индексот за безбедност на новинарите за Северна Македонија за 2023 година е најдобар во споредба со другите земји. Бројот на случаи против новинари и медиуми е намален, но политиката на неказнивост за старите случаи на напади и закани продолжува. Од особена загриженост е растечкиот тренд на користење стратегиски тужби против јавно учество (SLAPP тужби) за замолчување на новинарите. Измените на Кривичниот законик, усвоени во 2023 година, придонесоа за подобрена безбедност на новинарите. Што се однесува до пристапот на новинарите до брзи и ефикасни мерки за заштита во случаи на закани и напади, во 2023 година е забележано мало подобрување. Именувани се нови обвинители во три апелациони региони, одговорни за следење на случаите во кои новинари биле нападнати, а отворена е и специјална линија за повици од новинари и медиумски работници. Соработката меѓу надлежните институции е подобрена, што доведе до поголема ефикасност во откривањето на сторителите на нападите. Сепак, степенот на неказнивост останува висок поради нерешени случаи од минатите години. Дополнително, растечкиот број на онлајн закани кон жените новинарки е особено загрижувачки.
Србија
Индексот за безбедност на новинарите во Србија за 2023 година е во опаѓање. Иако законски им е гарантирано новинарите да ја извршуваат својата професија слободно, тие се изложени на различни притисоци кои ја загрозуваат стабилноста и заштитата на нивната работа. Властите и моќни личности наоѓаат нови начини да поднесуваат тужби против новинарите, што резултира со зголемување на бројот на SLAPP тужби. Во однос на превенцијата, чувствителноста на полицијата на прашањата за безбедноста на новинарите е спорадична, што укажува на недоволна систематичност и разбирање за улогата на новинарите. Иако знаењето на надлежните органи расте, постојат проблеми како недостаток на сензибилност, реални капацитети и технички одлуки кои ја намалуваат ефикасноста на заштитата. И покрај некои добри резултати во спроведувањето на истраги, тешкотиите и пречките во процесуирањето и неказнивоста влијаат на општата перцепција за безбедност.
Индексот за безбедност на новинарите во Западен Балкан е механизам кој ги мери и следи промените во социјалната и политичката средина што директно или индиректно влијаат врз безбедноста на новинарите и медиумските професионалци во извршувањето на нивната работа. Индексот во голема мера се потпира на Водичот за спроведување на Препораката CM/Rec(2016)4 за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери на Советот на Европа. Индексот се оценува преку специјални индикатори и подиндикатори, рангирани од 1 до 7 според објективни маркери, базирани на објективно анализирани истражувачки наоди и докази. Тој се состои од четири одделни единици кои ја отсликуваат севкупната состојба со безбедноста на новинарите.
Правното и организациското опкружување ја оценува постојаноста и спроведувањето на правните гаранции што се однесуваат на безбедноста на новинарите. Превенцијата ја бележи постојаноста и примената на серија превентивни мерки кои директно влијаат врз заштитата и безбедноста на новинарите. Процедуралниот дел ги следи активностите на државните институции и службени лица, нивното однесување кон новинарите и ефикасноста на системот на кривична и граѓанска правда при истраги за закани и напади врз новинарите. Реалната безбедност ги мери инцидентите и случаите на различни форми на закани и насилство врз новинарите и медиумите.