Неделниот весник „Новости“ веќе извесно време се соочува со закани, кои започнаа по опасната кампања што ја започна политичката партија „Домовински покрет“ (ДП) која се залагаше за прекин на финансирањето на Новости.
Откако партијата ДП во својата изборна програма и за време на кампањата објави дека ќе го прекине финансирањето на неделникот на српското национално малцинство „Новости“ и продолжи да ја турка оваа агенда по изборите, уредничкиот тим на Новости и неговите новинари добија повеќе закани. Некои од овие закани беа упатени и до Хрватското здружение на новинари (ХЗН), кое прими бројни телефонски повици, писма и е-пошта со закани и за раководството и за многу новинари кои се членови на ХЗН. Полицијата веднаш изврши теренски увиди и разговори. Новости е неделен весник за српското национално малцинство, кој ги покрива сите релевантни теми за хрватското општество, притоа придржувајќи се до новинарската етика и принципи како што е наведено во Кодексот на хрватските новинари.
Кампањата за згаснување на Новости, спроведена од ДП, трае веќе подолго време, а партијата ја промовира во сите свои јавни изјави преку медиумите и социјалните мрежи. Ситуацијата сега стана посериозна бидејќи ДП е дел од владата. Ваквите акции на ДП не само што го таргетираат неделникот Новости, туку и сериозно ја загрозуваат слободата на медиумите и уставно загарантираните права на националните малцинства. Новости, како и другите малцински медиуми, се финансираат од ресурсите доделени за културна автономија од страна на Советот за национални малцинства, државен орган основан со Уставниот закон за правата на националните малцинства. ДП тврди дека Новости не ја исполнува својата улога како медиум на малцинствата бидејќи не ги покрива исклучиво малцинските прашања. Сепак, оваа критика укажува на сериозна сегрегација на малцинствата, бидејќи секој медиум има право да се осврне на сите теми што ги смета за важни.
Хрвоје Зовко, претседател на ХЗН, изјави: „Хрватското здружение на новинари силно стои со нашите колеги од Новости. Ако нешто им се случи, одговорни ќе ги бараме челниците на ДП, кои сега се грижат и на премиерот Андреј Пленковиќ. Заканите и навредите се срамни и неприфатливи. Нападот на Новости е напад врз целата новинарска заедница. Следуваат тешки времиња, но ќе се бориме. Нема да бидеме одвратени“, заклучи Зовко.
Мрежата SafeJournalists, која ги претставува медиумските професионалци во Западен Балкан, се придружува на својата членка ХЗН во повикувањето на владините претставници да испратат јасна порака со која ги осудуваат заканите и негативната кампања против неделникот Новости, повикувајќи на деескалација на тензиите и прекин на негативен наратив во медиумите и на социјалните мрежи. Бараме итни истраги и кривично гонење на лицата кои им се заканувале на новинарите.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни.
Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 22.05.2024
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Косово
Здружението на новинари на БиХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независното здружение на новинари на Србија
Синдикатот на медиуми на Црна Гора