SafeJournalists: Неприфатливо е насилството врз новинарите во Србија

SafeJournalists: Неприфатливо е насилството врз новинарите во Србија
photo: canva

Уредникот на порталот КРИК и истражувачки новинар Стеван Дојчиновиќ добил смртни закани на Тик-Ток, а репортерот на новинската агенција ФоНет Марко Драгославиќ бил физички нападнат. Двата инцидента се случија вчера во Србија.

Откако се појави во подкаст на порталот Nova.rs, уредникот на КРИК Стеван Дојчиновиќ доби смртна закана. Тој зборуваше за животниот пат на криминалците во Србија и рече дека цените на нарачаните убиства во Србија драстично паднале. Под видео клип од епизодата на подкаст на TikTok, јавно беше објавен коментарот „дајте ги тие ефтини цени за да те убиеме“. Овој случај е пријавен во Специјалното обвинителство за борба против високо технолошкиот криминал.

Вториот инцидент се случи синоќа по народниот собир „Студенти за Косово“, кога беше нападнат известувачот на новинската агенција ФоНет, Марко Драгославиќ. Непознат маж му пришол на Марко од зад грб, му навлекол качулка на главата и го удрил двапати по лицето, а потоа побегнал. Истиот бил прегледан во Ургентниот центар на Србија, каде му била констатирана модринка на образот и бил упатен на томографија.

Претседателот на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) Жељко Бодрожиќ со жалење забележува дека новите напади врз новинарите не се неочекувани, со оглед на опкружувањето исполнето со омраза и конфликти, кои најчесто се иницирани и поттикнати од политичарите. „Обврската на нашите здруженија е да ги заштитиме членовите и сите колеги од притисоци, закани и напади. И овој пат ќе направиме се за да им помогнеме на Стеван и Марко, но нашиот опфат е ограничен бидејќи недостига целосна подготвеност на државните органи да ги заштитат новинарите и така е и подготвеноста на државните функционери и на многу опозициски политичари да престанат со непромисленото прозивање и таргетирање на медиумите и новинарите.Изјавите и пораките на моќните и влијателни луѓе предизвикуваат агресија и омраза кај многу граѓани, кои потоа вербално или физички ги напаѓаат назначените цели“, заклучува Бодрожиќ.

Мрежата SafeJournalists, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, ја истакнува исклучително лошата клима за новинарите во Србија. Покрај овие два случаи, поради постојаните закани до авторите на подкастот „Добро лошо лошо“ Марко Видојковиќ и Ненад Кулачин, Видојковиќ мораше да се пресели од Србија на безбедно место. Мрежата ги повикува надлежните институции сериозно да ги сфатат нападите и заканите кон новинарите и итно да ги пронајдат сторителите на овие дела и соодветно да ги казнат.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни чинители за овие случаи.

Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Скопје – Загреб, 8.3.2023

 

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на Македонија

Здружение на новинари на БиХ

Здружение на новинари на Хрватска

Независното здружение на новинари на Србија

Синдикатот на медиуми на Црна Гора