Телевизијата ,,N1” од Србија, во текот на вчерашниот ден доби закани кон своите вработени и нивните семејства, пред најавените протести кои ќе се реализираат ширум земјата денес. Заканите се добиени преку објава на Твитер, како и преку електронска пошта. Објавата на Твитер на корисникот @JerinaOpicena ги повика луѓето да упаднат во студијата на ,,N1”, да го прекинат емитувањето без никакво насилство и да го исфрлат персоналот ,,N1”. „Во сабота кога ,,N1” почнува да повикува на братоубиствена војна, упаднете во ,,N1”, прекинете го емитувањето, не правете ништо насилно, бркајте ги сите на улица. Никој не може да работи илегално во Србија, да се залага за фашизам или да повикува на граѓанска војна. Ако државата не реагира, ќе реагираме“, се вели во објавата.
Електронската пошта испратена до бирото за вести ,,N1” беше од човек кој се идентификуваше како Симо Периќ. „Имате мои лични податоци. Ова не е лажен профил. Сакам да кажам не плачете за тоа што се случило или што се случува со вашите најблиски. Вие, да вие, ,,N1” сте причина и вие ќе бидете жртви. Не ми верувате? “ напиша тој во е-маилот.
Претседателот на Независното здружение на новинари на Србија, Жељко Бодрожиќ изјави дека „кампањата против оваа телевизија трае со години, Ваквите закани доаѓаат како последица на вжештената атмосфера во општеството. За тоа говори и фактот што колегите од телевизијата ,,N1” продолжија да добиваат нови закани и притисоци и во текот на оваа ноќ”. Тој исто така додаде дека ова не е првпат да биде нападната телевизија ,,N1”. Нивните новинари се под постојан притисок и напади каде и да се.
,,SafeJournalists” мрежата во последните 30 дена предупредува дека во Србија се случуваат огромни нестабилности, па медиумските работници постојано се во крајно опасни ситуации.
Мрежата ,,SafeJournalists”, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се придружува на својата членка НУНС во осудата на овие брутални закани, но исто така изразува загриженост за безбедноста на новинарите во оваа земја.
,,SafeJournalists” мрежата ги повикува српските власти да дејствуваат и да ги заштитат новинарите во Србија, да го истражат и идентификуваат лицето кое се заканувало на медиумите N1. Исто така уште еднаш бараме од претставниците на власта да направат се што е во нивна моќ за да се смири ваквата атмосфера во општеството.
Мрежата ,,SafeJournalists” ќе ги информира сите релевантни домашни и меѓународни актери за овој случај.
Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 4 декември 2021 г.
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Косово
Здружението на новинари на БиХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независното здружение на новинари на Србија
Синдикатот на медиуми на Црна Гора