SafeJournalists: Новинарите се цел на закани и онлајн говор на омраза во Босна и Херцеговина

SafeJournalists: Новинарите се цел на закани и онлајн говор на омраза во Босна и Херцеговина
photo: canva

Новинарката на Ал Џезира од Балканот, Далија Хасанбеговиќ – Конаковиќ на својот Твитер профил објави низа заканувачки пораки и оние кои содржат говор на омраза кои поединци ги пишуваат под нејзините објави на социјалните мрежи и и испраќаат пораки.

Еден од лицата кои и упатија навреди и закани е Јасмин Мулахушиќ, кој веќе е под истрага за ширење национална и верска нетрпеливост, говор на омраза, закани и негативна пропаганда кон новинарите преку социјалните мрежи. Како што наведува Здружението на новинари на БХ, нејзината линија за помош за новинари пријавила дури 15 случаи на закани и говор на омраза што ширел Јасмин Мулахушиќ и неговите следбеници на Фејсбук до надлежните институции – полицијата и обвинителството во кантонот Сараево и на државно ниво. Обвинителствата досега отфрлија пет приговори со образложение дека нема елементи на кривично дело. Обвинителството на Босна и Херцеговина во септември 2021 година објави дека отворило истрага против Мулахушиќ, но не соопшти дали обвиненијата ќе бидат покренати. Од државното обвинителство за медиумите потврдија дека работат на неколку предмети поврзани со Јасмин Мулахушиќ, но не сакаа да дадат дополнителни информации.

Далија Хасанбеговиќ – Конаковиќ на социјалните мрежи зборуваше за нејзината борба против сајбер насилството и говорот на омраза во рамките на нашата кампања жените новинарки во првите редови по повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март.

„Јас сум мета на група лажни, но и реални профили кои на оркестриран и организиран начин, со добро осмислена агенда, се обидуваат да ме дискредитираат со лаги и конструкции, да го нарушат мојот углед или во најлош случај – да провоцираат трето лице да ме нападне. Иако сè беше уредно пријавено во Обвинителството на кантонот Сараево, мојот случај таму беше во мирување повеќе од три и пол години“, рече Хасанбеговиќ – Конаковиќ.

Мрежата SafeJournalists, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, остро ги осудува заканите и говорот на омраза упатени кон новинарот Хасанбеговиќ – Конаковиќ. Мрежата ги повикува надлежните институции во Босна и Херцеговина да преземат итни мерки и да ги идентификуваат лицата кои ги оставиле овие коментари, да ги гонат и соодветно да ги казнат. Институциите треба да покажат одлучност во борбата против говорот на омраза и заканите кон новинарите и да испратат јасна порака дека ваквото однесување е неприфатливо.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни чинители за овој случај.

Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Скопје – Загреб, 24.3.2023

 

Здружение на новинари на Македонија

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на БиХ

Здружение на новинари на Хрватска

Независното здружение на новинари на Србија

Синдикатот на медиуми на Црна Гора