SafeJournalists: Осуда на заканите и нападите врз новинарите во Северна Македонија и Србија

SafeJournalists: Осуда на заканите и нападите врз новинарите во Северна Македонија и Србија
photo: canva

Мрежата SafeJournalists остро ја осудува директната закана по животот на основачот на Цивил Медиа, Џабир Дерала во Северна Македонија, како и нападот врз новинарот на телевизијата N1, Младен Саватовиќ, за време на директниот пренос од протестите во Белград, Србија.

Основачот на Цивил Медиа, Џабир Дерала доби закана во коментар на неговата објавена колумна на официјалната фејсбук страница на „Нова ТВ Веб“, каде профилот по име Александар Антиќ напиша коментар: „Биди видлив гнидо, куршумот кај и да е ќе те стигне“.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) оваа закана ја пријави во МВР, и поднесе пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.

Ваквите закани по живот се кривични дела вклучени во Кривичниот законик во Северна Македонија, за кои е предвидена затворска казна за сторителите. МВР и Јавното обвинителство треба веднаш да го истражат и процесуираат овој случај и да го казнат прекршителот на законот, како и да спречат вакви кривични дела во иднина.

Новинарот на телевизијата N1 Младен Саватовиќ во понеделникот бил нападнат за време на неговата програма во живо. Како што вели, непознат маж го прекинал и фрлал кон него, а потоа физички го нападнал.

„Тоа беше среде програма во живо“. Дојде и застана таму. Извика нешто како „лисица, лисица“, а потоа полека се приближи. Кога сфатив дека ќе се обиде да скокне пред камера или да ме нападне среде вклучување во живо, го прашав „што точно чекаш“, по што тој беше груб и ми се впушти во лице. Тогаш реагирав афектно и му реков дека полицијата ќе го најде мислејќи дека ќе побегне. Но, тој стана уште поагресивен и тогаш граѓаните кои беа таму притрчаа кон мене да ми помогнат“, го опиша Саватовиќ за НЗНС настанот од понеделникот вечерта. Тој вели дека на местото на настанот имало неколку полицајци во цивилна облека, но дека не реагирале и преземале дејствија за обезбедување на местото и расчистување на случајот. Саватовиќ повикал полиција, која се појавила десет минути по инцидентот, но напаѓачот во меѓувреме избегал. Полицијата направила белешка и му наложила на новинарот следниот ден да оди во полициска станица за да го пријави нападот.

Вишото јавно обвинителство во Белград вчера соопшти дека отворило случај поради „постоење основи на сомнение дека е сторено кривично дело насилничко однесување на јавен собир“.

„Овие закани се директни напади не само врз овие новинари, туку и врз самата суштина на слободата на медиумите и демократијата во двете земји. Ги повикуваме властите да дејствуваат брзо и одлучно во казнувањето на сторителите според националните закони. Ние секогаш ќе се залагаме за безбедноста на новинарите и основното право на слобода на говор. Се солидаризираме со нашите колеги и се спротивставуваме на секаков облик на закана или насилство врз новинарите“, изјави Драган Секуловски, директор на Мрежата SafeJournalists.

Мрежата SafeJournalists, која ги застапува медиумските професионалци во Западен Балкан, им се придружува на своите членови ЗНМ и НЗНС во остро осудување на заканите упатени кон новинарите, како и физичкиот напад врз новинарот. Мрежата ги повикува надлежните институции во Северна Македонија и Србија веднаш да реагираат и да ги откријат и адекватно да ги казнат сторителите и на тој начин да ја покажат својата решителност да ги заштитат медиумските работници.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овие случаи.

Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

 

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 27.12.2023

 

Здружение на новинари на Македонија

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на БиХ

Здружение на новинари на Хрватска

Независното здружение на новинари на Србија

Синдикатот на медиуми на Црна Гора