SafeJournalists: „Пегасус“ против новинарките во Србија – недозволено оружје за замолчување

SafeJournalists: „Пегасус“ против новинарките во Србија – недозволено оружје за замолчување
photo: canva

Мрежата SafeJournalists најостро го осудува новиот обид за дигитален надзор врз новинарките на Балканската истражувачка репортерска мрежа (BIRN) во Србија преку шпионскиот софтвер „Пегасус“. Ова претставува сериозно кршење на правото на приватност и безбедна работа на новинарите, како што забележа и Amnesty International.

Две новинарки од српската редакција на BIRN биле цел на неуспешен обид за шпионирање со израелскиот софтвер „Пегасус“, што, според BIRN, било потврдено преку форензичка анализа спроведена од Amnesty International (AI). На 14 февруари 2025 година, во разлика од помалку од еден час, двете новинарки добиле пораки од ист број регистриран во државниот оператор „Телеком Србија“. Пораките содржеле текст на српски јазик и малициозен линк што водел до лажна верзија на порталот N1.

Откако се посомневале дека станува збор за обид за шпионирање, BIRN побарале помош од безбедносната лабораторија на Amnesty International. Нивната форензичка анализа потврдила дека новинарките биле цел на неуспешен обид за инсталирање на шпионскиот софтвер „Пегасус“, развиен од израелската компанија NSO Group. Amnesty International заклучи дека е многу веројатно дека еден или повеќе актери од српскиот државен апарат, или агенти кои дејствуваат во нивно име, биле вклучени во оваа последна употреба на „Пегасус“ против две истражувачки новинарки од BIRN.

Случаите со новинарките на BIRN се седмиот и осмиот во последните две години во кои безбедносната лабораторија на Amnesty International открила употреба на шпионските софтвери „Пегасус“ и „Новy“ против претставници на медиумите и граѓанското општество во Србија.

Особено загрижува фактот што компанијата NSO Group очигледно и натаму дозволува употреба на „Пегасус“ во Србија, и покрај документираните докази од Amnesty International за злоупотребата на овој софтвер во земјата.

По тие наоди, компанијата Cellebrite, чии технологии исто така биле злоупотребувани за следење и прислушување на новинари и активисти од граѓанското општество во Србија, одлучи да ја суспендира употребата на својата дигитална форензичка опрема за некои од своите клиенти во земјата.

Мрежата SafeJournalists ги повикува надлежните институции да го истражат овој случај. Ниту еден од случаите евидентирани од Amnesty International во извештајот од декември минатата година сè уште не е решен.

Ги повикуваме и меѓународните организации за слобода на медиумите, донаторите, институциите на Европската унија, Советот на Европа и специјалните механизми на ОН да обрнат внимание на овој алармантен случај и да извршат притисок врз властите во Србија да го запрат нелегалниот надзор врз новинарите.

Исто така, ја повикуваме компанијата NSO Group, по примерот на Cellebrite, да ги поништи лиценците на своите корисници во Србија поради злоупотребата на дигиталната форензичка опрема.

Независното здружение на новинари на Србија ќе им обезбеди сета неопходна правна и психолошка поддршка на засегнатите новинарки.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира и националните и меѓународните чинители за овие загрижувачки настани.

Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.


Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 27.03.2025

Здружение на новинарите на Косово


Здружение на новинарите на Македонија


Здружение на новинарите на БиХ


Здружение на новинарите на Хрватска


Независно здружение на новинари на Србија


Синдикат на медиуми на Црна Гора