SafeJournalists: Полицијата во Албанија да престане со опструкциите и нападите кон новинарите

SafeJournalists: Полицијата во Албанија да престане со опструкциите и нападите кон новинарите

Новинарот на Факс Њуз, Ледио Гуни, беше нападнат на 19-ти јануари од припадници на полицијата додека ја вршеше својата работа. Ледио Гуни го снимаше иселувањето и уривањето на домовите на граѓаните во населбата ,,5 Мај” во Тирана. Полицијата беше на лице место за да ги принуди луѓето да ги напуштат нивните имоти и да се отвори пат за уривање. Гуни бил насилно грабнат, влечен и отстранет од околината и на крајот се здобил со повреда на рамото за која била потребна лекарска помош.

Од општинската полиција во Албанија се уште не реагираат за овој случај. Ова не е прва опструкција од страна на полицијата и претходно беа критикувани за начинот на кој се однесуваат кон новинарите додека известуваат во живо од терен. Исто така, ова не е првпат новинарот Гуни да биде нападнат. Во октомври 2021 година бил физички нападнат и удрен со стол додека ја снимал пресметката во училиштето „Чајупи“. И покрај тоа што Гуни се изјасни како новинар, нападот продолжил.

Блерјана Бино, истражувач на ,,SafeJournalists” мрежата во Албанија, изјави дека „ Нападот врз медиумските работници кои известуваат за активностите на општината во областа „5 Мај“ е многу загрижувачки, особено кога е поврзан со ограничената транспарентност на општина Тирана кон медиумите. Во минатото за ваквите појави претходеа критики од различни организации“.

Мрежата ,,SafeJournalists”, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се солидаризира со албанскиот колега од Факс њуз и го осудува овој напад. Бараме од општина Тирана и полицијата да реагираат за случајот, да го осудат однесувањето на полицијата во овој случај и да спроведе соодветна истрага за истиот како и да поведе постапка во внатрешна контролата во полицијата и да ја информира јавноста за резултатот.

,,SafeJournalists” ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни чинители за овој случај.

Секој напад врз новинари е напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 24.01.2022

 

Здружение на новинарите на Македонија

Здружение на новинари на Косово

Здружението на новинари на БиХ

Здружение на новинари на Хрватска

Независното здружение на новинари на Србија

Синдикатот на медиуми на Црна Гора