Иако мал број на случаи беа правно решени во изминатиот период, новинарите не треба да бидат обесхрабрени и треба да продолжат да пријавуваат сите видови напади до надлежните институции и новинарските здруженија. Мрежата SafeJournalists, по повод 2 ноември, Меѓународниот ден за престанок на неказнивоста на злосторствата против новинарите, потенцира дека без пријавени закани и напади, нема истраги, а со тоа и нема решени случаи. Само преку активно учество во механизмите што им се на располагање, новинарите можат да се борат за подобро и побезбедно опкружување.
Новинарите се очите и ушите на демократијата, нејзини чувари и продолжена рака на граѓаните. Улогата на новинарите е од суштинско значење за одржување на слободно и отворено општество. Затоа, мрежата SafeJournalists ги повикува владите на земјите од Западен Балкан итно и решително да преземат мерки за подобрување на безбедноста на новинарите и обезбедување правда за сите оние кои биле жртви во врска со нивната работа.
Мрежата продолжува да се залага за правата на новинарите, побезбедно и посигурно опкружување за нивната работа, како и подобри услови за работа. На нашата подобрена веб-страница safejournalists.net, новинарите можат да пријават напади во делот „пријави инцидент“, достапен на англиски и локалните јазици во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Северна Македонија, Србија и Косово. Дополнително, во истиот дел од веб-страницата, може да се најдат информации за контакт лица за новинарите од обвинителството и полицијата, каде што постојат такви контакт точки.
Во 2022 година, мрежата SafeJournalists регистрираше во својата база на податоци вкупно 187 случаи на прекршување на права и загрозување на безбедноста на новинарите (што вклучува закани по животот и физичката безбедност на новинарите, други форми на заплашување, вистински напади врз новинари, убиства, како и закани и напади врз медиуми и медиумски организации). Од вкупниот број на случаи, 107 беа пријавени во надлежните обвинителства и полицијата. Таа година, обвинителството отфрли 20 случаи, а 21 случај беше решен судски.
Во 2023 година, вкупно 235 случаи беа регистрирани во базата на податоци на мрежата SafeJournalists, од кои 115 беа пријавени до надлежните обвинители и полицијата. Вкупно 11 случаи беа отфрлени, а 26 беа решени во судски постапки.
До 31 октомври, 211 случаи беа евидентирани во базата на податоци на мрежата SafeJournalists за 2024 година. Бројот на пријавени случаи до полицијата и обвинителствата е 89, од кои 7 случаи се отфрлени, а досега само два се решени.
Најголемиот број случаи од сите три години сè уште се во фаза на истрага. За жал, во повеќето случаи, извршителите на злосторства против новинарите остануваат непознати и се водат како непознати сторители, сè додека не се појават нови докази или не истече времето за кривично гонење.
На територијата на Западен Балкан, во последните 30 години за време на војната, загинаа 110 локални новинари. Во периоди без војна, пет новинари ги загубија своите животи, и од тие пет случаи, три се решени со конечна пресуда.
Погледнете ги случаите за 2022, 2023 и 2024 по држави во следните графикони.
*This chart is interactive – click on it to get more data
made by flourish
Мрежа SafeJournalists
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинарите на БиХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора