По објавувањето на текст на веб-страницата ,,Kurir.rs” за наводно нелегален дом за стари лица, авторот на написот и уредникот добиле смртни закани по телефон од сопственикот на тој објект и неговиот брат. Случајот бил пријавен во полиција и во постојаната работна група за безбедност на новинарите во Србија.
,,Kurir.rs” на 1 август објавил текст за наводно нелегалниот дом за стари лица по име „Ројал“, во кој се наведува дека условите за живот на жителите, како и условите за работа на вработените се лоши и дека објектот нема соодветна лиценца за работа. Како што пишува во редакцијата на ,,Kurir.rs”, сопственикот на објектот ги демантирал тие наводи, но не приложил никаков доказ. Наместо тоа, на 1 и 2 август заедно со неговиот брат телефонски малтретирал и се заканувал на новинарки, мислејќи на врски во владејачката политичка партија во Србија.
„Јас не сум некој од улица, да пишувам демант, знаете како се решава – во одредено време на одредено место, лице в лице. Знаете ли што значи тоа?… Сега сме дел од системот, ја поддржуваме владејачката партија“, рече меѓу другото Ф.Ј, сопственикот на објектот на уредникот на Kurir.rs, додека неговиот брат постојано довикувал во позадина: „Ти си к***а, ти си проклета к***а, ќе те тужиме. Јас сум човек со политички имунитет, можам да пцујам и да правам што сакам!“
Главниот уредник на Курир, Рајко Недиќ, за мрежата SafeJournalists изјави дека медиумската групација Адриа, како издавач на Курир, очекува итно кривично гонење и казнување на лицата кои се заканувале на новинарките.
„Пропишаната казна за загрозување на безбедноста со закани кон новинари е од шест месеци до пет години затвор, а се очекува судството во Србија да ја примени оваа регулатива. Адриа Медиа Груп и весникот Курир ќе продолжат да се трудат да истражуваат и објавуваат факти од јавен интерес, како што е случајот со нелегален дом за стари лица, поради што се упатени закани кон нашите новинари, а нашите новинари нема да отстапат во лицето на ароганцијата и криминалот, без разлика од кого доаѓа“, рече Рајко Недиќ.
Мрежата SafeJournalists, која застапува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, ги осудува заканите кон новинарките на Курир и смета дека е загрижувачки што луѓето кои ги прават заканите се чувствуваат безбедно бидејќи се поврзани и имаат блиски врски со политичките партии. Исто така, ги потсетуваме сите дека е недозволиво да се навредуваат и омаловажуваат новинарките по полова основа.
Мрежата SafeJournalists ги повикува надлежните институции во Србија итно да ги преземат сите мерки лицата кои им се заканувале на новинарите да бидат кривично гонети и казнети.
Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 03.08.2022
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независното здружение на новинари на Србија
Синдикатот на медиуми на Црна Гора