SafeJournalists: Го осудуваме полициското насилство и заканите со смрт кон новинарите на Н1 во Србија

SafeJournalists: Го осудуваме полициското насилство и заканите со смрт кон новинарите на Н1 во Србија
source: canva

Исправка: Новинарот Жарко Богосављевиќ е од порталот Razglas-news, а не од порталот 021.rs.

Мрежата SafeJournalists остро го осудува бруталното користење на сила од страна на полицијата и Жандармеријата врз новинарите, студентите и граѓаните за време на денешните случувања пред Факултетот за спорт и физичко образование во Нови Сад. Исто така, ги осудуваме најновите закани со смрт испратени до редакцијата на телевизијата Н1 преку е-пошта, со кои се закануваат дека ќе ги застрелаат новинарите на Н1 и студентите кои протестираат.

Студентите и граѓаните се собраа утринава пред Факултетот за спорт и физичко образование со цел да го спречат деканот Патрик Дрид во обидот „да ја пробие блокадата на тој факултет“. При таа прилика, полицијата употреби сила без дискриминација.

Новинарот на порталот Razglas-news, Жарко Богосављевиќ, кој носел обележан елек со натпис PRESS, беше меѓу граѓаните и студентите врз кои полицијата денес примени физичко насилство.

Тој за Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) изјави дека не било јасно која била причината за полициската интервенција, бидејќи до тој момент ниту еден од присутните граѓани не се обидел да се спротивстави.

„Според мене, употребата на сила беше неоснована. Кога почна туркањето, добив спреј во очите, како и десетици други луѓе. Добив и два удари, еден со пендрек, друг со штит, и беа туркани. При втората интервенција, еден припадник на интервентната единица ме удри со штит на страничниот влез“, изјави Богосављевиќ.

Новинарите на телевизијата Н1 веќе во петокот претходно добија закани со смрт.

„Со радост би ве застрелал сите заедно во куќата на Н1 со Ѓилас и Шолак за да исчезне целиот тој предавнички шљам. Би ги застрелал и сите тие отровени студенти = руља кои немаат надеж да се опорават од вашата болест!!! Бришете се, гадови фашистички, сите до еден!“, беше пораката што редакцијата на Н1 ја доби во петокот преку е-пошта.

Мрежата SafeJournalists предупредува дека ваквите пораки со омраза и насилство претставуваат кривично дело и мора да се третираат како сериозна закана за безбедноста на новинарите и граѓаните. Ги повикуваме надлежните органи, особено Обвинителството за високо-технолошки криминал и Министерството за внатрешни работи на Србија, итно да го идентификуваат и гонат испраќачот на овие закани.

Истовремено, ја изразуваме нашата загриженост поради нападот врз новинарот Жарко Богосављевиќ од страна на полицијата додека ја извршуваше својата новинарска задача — да информира за настан од јавен интерес. Исто така, загрижува и практиката од последните месеци, кога полицијата не реагираше на напади и попречување на новинари за време на известување, иако биле присутни на лице место.

Мрежата SafeJournalists бара од Министерството за внатрешни работи на Србија итна и темелна истрага за сите околности на овој инцидент, идентификација и санкционирање на одговорните полициски службеници, како и обезбедување на заштита за новинарите кои ја вршат својата работа согласно највисоките професионални стандарди.

Задачата на полицијата не е брутално да ги задушува граѓанските протести и слободата на изразување, туку да ги штити правата и безбедноста на сите граѓани, вклучително и новинарите.

Овие инциденти уште еднаш ја потврдуваат загрижувачката состојба со заканите кон новинарите во Србија и атмосферата на неказнивост во која нападите и заканите кон медиумските работници се случуваат сè почесто, особено од почетокот на студентските протести.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овие загрижувачки случувања.

Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.


Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 28.04.2025

Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на Босна и Херцеговина
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора