
Здружението на новинарите на Косово (АJК) се соочува со опасна кампања на оцрнување, заедно со претседателот на Управниот одбор, Џемајл Реџа, од страна на пратеници на најголемата политичка партија, поради значителниот пад на Косово на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година, објавен од „Репортери без граници“ (RSF). Некои пратеници дури изразија сомнеж дека знаат кој им ги дал информациите на RSF (алудирајќи на АЖК).
Наместо да го признаат и сериозно да размислат за алармантниот пад од 24 места — со што Косово се најде под сите земји од регионот и во друштво на држави со долга историја на цензура и насилство врз новинари — избраните претставници на владејачката партија, Левизја Ветeвендосје, започнаа јавна кампања за дискредитација на АJК и префрлање на вината врз неговото раководство.
Џемајл Реџа, новинар со повеќе од две децении професионално искуство, веќе четири години е претседател на Управниот одбор на АJК, посветено работeјќи на заштита на новинарите и унапредување на слободата на изразување во Косово.
Новата пратеничка Арбереша Хусени Криезиу упати неприфатливи лични обвинувања кон Реџа, додека нејзините колеги, пратениците Валон Рамадани и Арјета Фејза, јавно го нападнаа АJК како организација. Овие напади претставуваат сериозен обид за замолчување и заплашување на водечките гласови за слободата на медиумите во земјата.
Мрежата „SafeJournalists“ ги повикува претставниците на Ветeвендосје веднаш да ги запрат нападите врз новинарите и претставниците на граѓанското општество и да се посветат на решавање на влошената состојба со слободата на медиумите во Косово со сериозноста што ја заслужува. Слободата на медиумите и заштитата на новинарите не се партиски прашања — тие се темелни столбови на секое демократско општество.
Мрежата „SafeJournalists“ изразува целосна солидарност со АJК и неговото раководство и ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата.
Мрежата „SafeJournalists“ ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители.
Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 02.05.2025
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на Босна и Херцеговина
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора