Мрежата на SafeJournalists силно го осудува нападот врз имотот на новинарот Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиумскиот портал М-Нет во Северна Македонија.
Синоќа, автомобилот на Серсемов беше запален од непознати лица во дворот на неговиот семеен дом во Штип. Овој сериозен и намерен напад не само што го уништи имотот, туку беше и директен напад врз семејството на новинарот и неговите соседи, со што беше создаден сериозен потенцијален ризик за нивната безбедност.
Во врска со овој намерен напад врз неговиот личен имот, Благој Серсемов изјави: „Овој напад го сметам за директен напад врз сите медиуми, не само врз мене лично. Безбедноста на членовите на моето семејство е сериозно загрозена.“
Серсемов оваа година се соочува и со правен притисок, бидејќи се соочува со неосновани тужби за клевета, за кои правната екипа на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) го застапува во Основниот суд во Штип.
Нападите и заканите од ваков тип се неприфатливи во демократско општество што се залага за заштита на медиумските права и безбедноста на сите новинари. Овој напад не е само физички акт на уништување на имот, туку има за цел да ги замолчи новинарите и да го заплаши целиот медиумски сектор во земјата.
Мрежата на SafeJournalists, која ги претставува медиумските професионалци во Западен Балкан, повикува Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија да преземе итни мерки за темелна и брза истрага на случајот, да ги идентификува и изведе пред правдата извршителите на ова кривично дело. Ваквите напади не смеат да поминат неказнето, а нивното решавање треба да послужи како предупредување за оние кои мислат дека можат да ги замолчат новинарите на овој начин.
Мрежата на SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овој случај.
Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 24.10.2024
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора
По објавата на јавната реакција на Мрежата на SafeJournalists, полицијата и јавните обвинители презедоа сериозни мерки за расветлување на случајот. Основното јавно обвинителство во Штип дејствуваше и издаде наредби и насоки за расчистување на случајот со запалениот автомобил на уредникот на локалната телевизија. Беа дадени наредби за спроведување на соодветни стручни испитувања кои ќе го утврдат причините за пожарот и ќе го идентификуваат можниот извршител на потенцијално кривично дело. Полицијата информираше дека по пријавувањето на случајот, полицајци и пожарникари брзо излегле на терен, го изгасиле пожарот и никој не бил повреден.