ЗНМ бележи негативни трендови во Извештајот за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите за 2022 година

0
35

Бројот на напади кон новинари и медиумски работници во 2022-ра беше зголемен, а дополнително загрижува фактот што медиумските професионалци се сѐ почесто предмет на закани и малтретирања на социјалните мрежи. Неказнивоста сѐ уште е голем проблем, особено загрижува говорот на омраза и етикетирањето новинари и медиумски работници од страна на политичари и други носители на јавни функции, како и трендот на двојно зголемениот број на судските постапки за клевета и навреда споредбено со годината пред тоа. Според регистарот на ЗНМ, од почетокот на 2022-ра година регистрирани се вкупно седум напади и груби закани кон новинари. Во споредба со минатата година, кога беа регистрирани вкупно пет, оваа година бележиме повторен пораст на нападите и заканите кон новинари и медиумски работници.

Со дел од надлежните институции во извештајот се констатира подготвеност за соработка во насока на унапредување на безбедноста на медиумските работници а доказ за тоа се и измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, а на почетокот на оваа година се изгласаа и измените на Кривичниот законик и двата закони се веќе стапени на сила.

По неколкугодишно инсистирање на ЗНМ, Основното јавно обвинителство Скопје, во октомври 2022 година назначи јавен обвинител од истата институција, како лице за контакт во врска со предметите поврзани со безбедноста на новинарите, кои се во надлежност на ОЈО Скопје. На почетокот на 2023 година и МВР назначи контакт лице за постапување на предметите поврзани со безбедноста на новинарите и медиумските работници посебно за за закани на интернет.

Во извештајот е нотирано дека особено загрижува говорот на омраза и етикетирањето новинари и медиумски работници од страна на политичари и други носители на јавни функции, како и трендот на удвојување на бројот на судските постапки за клевета и навреда споредбено со минатата година. Покрај тоа, надлежните институции и судовите сѐ уште не водат доволно ажурна евиденција за заканите и нападите врз новинари, ниту, пак, ги објавуваат ваквите податоци, покажуваат подготвеност да се работи на подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници преку поажурно преземање мерки и гонење на сторителите на напади и закани.

Здруженијата на новинарите од земјите од Западен Балкан, со поддршка на Европската комисија, формираа заедничка платформа Safejournalists.net за да ги следат промените во законодавството и практиката на своите земји и да се вклучат во различни активности за застапување насочени кон унапредување на политичкото, законодавното и институционалното опкружување во кое работат новинарите и медиумите. Почнувајќи од 2020 година, членовите на платформата ја следат состојбата во седум земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Србија). Секоја година, проценката на состојбата се врши врз основа на стандардизирани методи за собирање и анализа на податоци, додека фокусот на истражувањето за застапување е на промените и во традиционалното и во онлајн медиумското опкружување во земјите од Западен Балкан. Методологијата на истражувањето е составена од три групи индикатори развиени врз основа на систематска анализа на различни упатства произведени од релевантни меѓународни организации.

Годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија е изработен и преведен како на македонски, така и на албански и англиски јазик.

Годишниот извештај е достапен на следниот линк