Подобрување на соработката со МВР за поголема отчетност и транспарентност

0
110

Здружението на новинари на Македонија и канцеларијата на Советот на Европа денеска одржаа семинар на тема „Подобрување на соработката меѓу новинар(к)ите и полициските органи со цел поголема отчетност и транспарентност“ каде беа новинари како и претставници на Министерството за внатрешни работи кои работат во доменот на односи со јавноста.

Овој настан им даде можност на новинарите, припадниците на МВР и другите медиумски актери да разговараат на теми кои имаат за цел продлабочување на соработката при размена на информации од јавен карактер.

Младен Чадиковски во својот воведен дел ја истакна важноста од продолжување на соработката помеѓу МВР и новинарите, со цел безбедно и слободно вршење на новинарската работа.

„Како Здружение на новинари секогаш сме на страната на точната информација, на страната на професионалното новинарство, а верувам дека благодарение на оваа соработка, комуникациајта со МВР ќе се искачи на скалило погоре. За да можеме ние да ја вршиме безбедно и слободно нашата работа, потребна е поддршка од Министерството за внатрешни работи. Верувам дека одиме во позитивна насока и дека така ќе остане“ – кажа Чадиковски.

Александра Богдановска, зборуваше за плодната соработка помеѓу ЗНМ и Советот на Европа и јавно искажа благодарност за активната соработка во изминатиот период преку заедничките организирани онлајн настани, и после долго време соработката продолжува преку конкретни иницијативи во живо каде се дискутираат овие актуелни теми кои ги засегаат новинарите и медиумските работници.

Тони Ангеловски, помошник на министерот за односи со јавност (портпарол) при МВР во своето излагање нагласи дека е од основно значење е користењето на полицискиот билтен, каде што ги има основните информации потребни за информирање на јавноста. Но, доколку новинарот има потреба од подетални информации, во тој случај службите на МВР во рамките на своите можности ќе ја обезбедат информацијата.

Новинарот Огнен Чанчаревиќ, во својата презентација се осврна на темата„ Навремено и точно давање на информации како предуслов за објективно информирање (анализа)“. Тој истакна дека кога новинарите известуваат за теми кои се од црна хроника нема простор за сензационализам а новинарите треба строго да се придржуваат до етичките принципи посебно за овие сензитивни теми.

Мирјана Поповиќ експертката на Советот на Европа зборуваше на тема „Праксата во соседните земји кога станува збор за соработка  на министерствата за внатрешни работи и медиумските работници“ нагласувајќи ја важноста од соработката помеѓу полицијата и медиумските работници, како надоврзување на претходните соговорници. Го истакна примерот на соработка помеѓу двете страни во Црна Гора, каде што за потребите на истата, формирана е специјална комисија за соработка чија цел и задача е да се влијае врз намалување на заканите и насилствата врз новинарите.

„Мора да работиме на подобрување на комуникацијата помеѓу новинарите и полицијата, Проблематичниот однос предизвикува негативни ефекти“ – рече Поповиќ.

Говорници на настанот беа претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, Александра Богдановска, Постара проектна раководителка, програмска канцеларија на Совет на Европа во Скопје, Мирјана Поповиќ, експертка на Советот на Европа, Тони Ангеловски, помошник на министерот за односи со јавност (портпарол) при МВР и Огнен Чанчаревиќ, новинар во ТВ Телма / VOA Глас на Америка на македонски јазик. Модератор на настанот беше извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.

На овој настан беше промовирана анализата насловена како „ПОДОБРУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА МЕЃУ НОВИНАР(К)ИТЕ И ПОЛИЦИСКИТЕ ОРГАНИ СО ЦЕЛ ПОГОЛЕМА ОТЧЕТНОСТ И ТРАНСПАРЕНТНОСТ“ на која автори со Тони Ангеловски и Огнен Чанчаревиќ. Анализата набргу ќе биде јавно достапна на македонски, албански и англиски.

По завршувањето на презентациите, следуваше групна дискусија помеѓу присутните гости.

*Настанот е организиран од Здружението на новинари на Македонија, како грант организација во рамките на заедничката програмска акција на ЕУ/Совет на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС 2)“ во рамките на „Хоризонтален објект за западниот Балкан и Турција 2019 – 2022 година“.