Регионална конференција со новинари и претставници на националните собранија од Западен Балкан

0
237

Фиљана Кока, заменик претседателката на ЗНМ и Милан Спировски, проектен истражувач при ЗНМ, учествуваа на регионалната интерпарламентарна конференција во Сараево на тема „Унапредување на медиумското законодавство во Србија, Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина”. На оваа средба учествува претставници на новинарските здруженија од регионот како и од националните парламенти, а темите на разговор беа во насока на подобрување на соработката помеѓу новинарите и законодавните тела.

На овој настан колешката Кока изјави дека ваквите регионални настани служат новинарските здруженија да потсетат за потребите на новинарите, како и за блокираните процеси кои се важни за работата на регулаторот, јавниот сервис, но и приватните медиуми.

Оваа конференција е организирана како продолжение на дијалогот што го започнаа претставниците на новинарските здруженија и пратениците во Скопје во ноември 2021 година, кога беше потпишана Декларацијата за унапредување на дијалогот меѓу здруженијата на новинарите и собранијата во Западен Балкан. Со оваа Декларација, парламентите и новинарските здруженија од четири земји од Западен Балкан прифатија дека ќе работат заедно на подобрување на медиумското законодавство со цел подобрување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во согласност со процесите на интеграција во ЕУ.

На средбата свои обраќања имаа и Вјолца Бајрами, заменик шеф на Кабинет на претседател на Собранието Александра Мицоска Митевска, раководител на Секторот за односи со јавност во Собранието на Северна Македонија.

Конференцијата е организирана во рамки на регионалниот проект „Подобрување на дијалогот меѓу новинарските здруженија и парламентите во Западен Балкан за посилен граѓански сектор“, финансиран од СИДА, во рамките на проектот „Заштита на граѓанскиот простор – регионален центар за развој на граѓанското општество“ имплементиран од BCSDN.