ЗНМ во Брисел информираше за состојбата со новинарите и медиумите во земјава

0
35

Состојбите, условите, безбедноста на новинарите и медиумските работници, неказнивноста на напаѓачите врз новинарите (посебно за интернет заканите) и омаловажувачкиот однос на политичарите кон медиумските работници, потребата од формирање на фонд за плурализам на медиумски содржини, беа дел од темите што  претставниците на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги истакнаа за време на посетата на Европскиот парламент изминативе три дена во Брисел.

Маја Јовановска, заменик претседателка на ЗНМ и Милан Спировски постар истражувач од канцеларијата на ЗНМ, остварија средби со високи претставници на Европскиот парламент. Ново донесените закони, што се важни за медиумските работници, како што е Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда и Законот за измена на кривичниот закон се позитивни чекори,  но не смее да се дозволи да има стагнација и назадување во другите процеси важни за слободата на медиумите, беше истакнато на средбата.

За време на посетата се одржаа средби со Фредерик Свинен – офицер за политики за Северна Македонија како и со Рубен Винсент Робесом политички советник, при што се оцени дека претстојат многу предизвици од аспект на новинарските прашања во контекст на безбедноста за време на претседателските и парламентарните избори. Претставниците на европските институции се согласија дека дел од овие барања ќе ги адресираат со цел унапредување на медиумските слободи во Македонија.

Посетата на ЗНМ беше во рамки на редовните активности на регионалната мрежа „SafeJournalists“, која застапува повеќе од 8.200 медиумски работници во Западен Балкан во која освен ЗНМ, членки се здруженијата на новинари од Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина и новинарскиот синдикат од Црна Гора.