ЗНМ: Регионална конференција на мрежата Safejournalists во Сараево

0
154

Со учество на повеќе од 50тина новинари, уредници, медиумски експерти, претставници на владини и невладини организации и институции од регионот и ЕУ, како и меѓународни организации посветени на заштитата на слободата на изразување денеска се одржува Регионална конференција на мрежата Safejournalists (www.safejournalists.net) за заштита на медиумските слободи и безбедноста на новинарите во Западен Балкан.

Во рамките на конференцијата како воведничар на отварањето свое онлајн обраќање имаше претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој рече:

„ Кај нас во однос на минатата година можеме да констатираме дека има намалување на бројот на напади врз новинари, но забележлив е трендот на неказнивост и неефикасност од страна на институциите или да бидам попрецизен од страна на ОЈО, во однос на постапувањето и разрешувањето на нападите врз новинарите и медиумските работници. Може да се заклучи дека бројот на заканите и вербалните напади врз новинарите е зголемен поради нивните ставови или поради избраните теми за информирање и е поевидентен кај новинарките.

Важно е да се напомене дека секоја година, проценката на ситуацијата се спроведува врз основа на стандардизирани методи на собирање и анализа на податоци, додека фокусот на истражувањето за застапување е на промените и во традиционалната и во онлајн медиумската средина во Западен Балкан. Сепак, покрај ваквиот извештај за безбедносните индикатори, оваа платформа минатата година спроведе и систематско истражување. Беше изработен и објавен Индекс за безбедност на новинарите и медиумските работници во Западен Балкан преку прецизно дефинирана методологија. “

На панел дискусијата насловена како: Компаративни извештаи за медиумските слободи во Западен Балкан, Шест години од мапирање на напади и борба за повеќе ефикасна заштита на новинарите, особено новинарките Трендови – Научени лекции – Солидарност – Споделување знаења и добри практики – Регионално влијание – Предизвици, претставникот на ЗНМ Милан Спировски во улога на проектен истражувач во своето излагање ги презентираше резултатите за Северна Македонија. Во рамките на сесијата која беше на тема „Медиумски известувања на Балканот за инвазијата на Украина: дезинформации, цензура, самоцензура, пропаганда, сензационализам … можеме ли подобро и попрофесионално?“ учествуваше уште еден претставник на ЗНМ, Билјана Настеска – Каланоска.

Мрежата Safejournalists со поддршка на Европската Унија, беше формирана во 2016 година со заедничка одлука на новинарски организации од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово за мапирање и снимање на напади врз новинари и закани кон медиумски професионалци и обезбедуваат ефикасна правна заштита за новинарите преку постапување на надлежните институции и казнување на напаѓачите. Во текот на 2020 година, Мрежата ги прошири своите активности на територијата на Албанија, со фокус на евидентирање закани кон новинарите и реакции на јавноста за случаи на загрозување на правата на новинарите и медиумските слободи во таа земја.

Мрежата Safejournalists моментално располага со база на податоци со повеќе од 1.200 евидентирани случаи на закани и напади врз новинари, со следење на дејствијата и реакциите на надлежните органи и јавните институции при санкционирањето на напаѓачите. Националните показатели за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се објавуваат секоја година со компаративен, регионален извештај за трендовите и напредокот во областа на слободата на медиумите. Во 2021 година беше подготвен и објавен Индексот за безбедност на новинарите во седум земји од Западен Балкан, како прв сеопфатен механизам за нумеричко мерење на напредокот на земјите од Западен Балкан во заштитата на слободата на изразување и слободата на медиумите во согласност со стандардите на ЕУ.