
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), на 30-ти ноември го одржа редовното годишно неизборно собрание на кое што присуствуваа редовните членови на здружението од целата држава.
Главните теми во работниот дел на собранието беа предлог измените на делови од статутот, како и предлог измените на правилникот за работа на Собранието на ЗНМ, правилникот за членство, и предлог измените на правилникот за избор и работа на советот на честа на ЗНМ. Освен ова беа презентирани стратешкиот план на ЗНМ заедно со ревизорскиот извештај како и финансиските извештаи за минатата година.

На настанот воведно обраќање имаше претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој нагласи дека новинарството денес е на крстопат, соочено со брзите технолошки промени и новите предизвици. ,,Нашата задача е двојна: да се прилагодиме на модерните трендови, а истовремено да го зачуваме професионалното и етичкото новинарство. Минатата година ја одбележавме со протести за достоинството на професијата и против СЛАПП тужбите, испраќајќи јасна порака дека новинарите мора да бидат заштитени од правни злоупотреби и неправди. ЗНМ останува цврсто посветено на заштитата на медиумските работници, застапувајќи десетици новинари пред судовите и соработувајќи со институциите за подобрување на нивната безбедност. Во 2024 година, работиме на значајни иницијативи како обновување на Кодексот на новинари, создавање Фонд за медиуми и зајакнување на безбедноста на новинарите. Професионалното новинарство е основа на демократијата, и ЗНМ ќе продолжи да биде силен заштитник на правата и слободите на медиумите. ” истакна Чадиковски.
Според извештајот за SLAPP на ЗНМ, кој води регистар за сите случаи на SLAPP против новинари од 2021 година, има вкупно 23 случаи на ваков вид правен притисок врз медиумските работници во Северна Македонија. Од нив, 8 случаи се во 2024 година, 6 во 2023, 5 во 2022 и 4 во 2021 година.

На годишното собрание на ЗНМ, свое обраќање имаше и генералниот секретар на Европската Федерација на Новинари (ЕФН), Рикардо Гутиерез, кој изрази големо задоволство што е присутен во Скопје на овој настан, по покана на ЗНМ – едно од најактивните здруженија на новинари во регионот. Тој во во своето обраќање потенцираше: ,,Во изминатите неколку дена, имав можност да се сретнам со главните општествени чинители во Северна Македонија и да водам конструктивен дијалог со сите засегнати страни. Разговорите беа значајни и охрабрувачки, а во фокусот беа клучните прашања и барања поставени од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Очекуваме дека овој дијалог ќе резултира со конкретни и позитивни промени во иднина, кои ќе придонесат за унапредување на правата и условите за работа на новинарите во земјата. Европската Федерација на Новинари останува цврсто посветена на поддршката на ЗНМ и сите напори за унапредување на слободата на медиумите и заштитата на новинарите.” кажа Гутиерез.
Беа усвоени важни статутарни и правилнички измени со цел унапредување на функционирањето и ефикасноста на здружението. Една од клучните статутарни измени овозможува вклучување на сниматели и фоторепортери во годишните награди, додека критериумите за награди за регионалните дописници беа прецизирани за да се поддржат исклучиво новинарите кои живеат и работат надвор од Скопје. Дополнително, зголемувањето на членарината на 1.000 денари за две години беше усвоено како дел од иницијативите за зајакнување на финансиската стабилност.

Измените во правилниците го олеснуваат процесот на обновување на членството, го зголемуваат интегритетот на изборите и ја подобруваат ефикасноста на Советот на честа, јасни рокови и нови процедури за одлучување. Овие промени се чекор напред кон унапредување на професионалните стандарди, заштита на етиката и зголемување на транспарентноста во работата на ЗНМ, поддржувајќи го новинарството како основа на демократското општество.

Со усвоените измени, ЗНМ продолжува да ја зацврстува својата позиција како силен и посветен застапник на правата и интересите на новинарите во земјата.
Собранието се одржа во духот на конструктивна дебата и размена на идеи меѓу присутните членови, со цел унапредување на работата на ЗНМ и прилагодување на неговото функционирање кон современите потреби на новинарите.
ЗНМ изразува благодарност до сите членови кои учествуваа во дебатата и дадоа свој придонес за унапредување на работата на здружението.
фото: Петр Стојановски