Голем интерес за регистарот на професионални онлајн медиуми на ЗНМ на медиумската конференција на Советот на Европа во Љубљана

Голем интерес за регистарот на професионални онлајн медиуми на ЗНМ на медиумската конференција на Советот на Европа во Љубљана

СКОПЈЕ, 12.12.2019 – Регистарот на професионални онлајн медиуми кој Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите на Македонија ќе го промовираат овој месец, наиде на голем интерес и поддршка од новинарите и медиумските професионалци, присутни на конференцијата на Советот на Европа „Последен повик за квалитетно новинарство“, која се одржа на 28 и 29 ноември во Љубљана.

На конференцијата чиј домаќин беше Министерството за култура на Република Словенија, учествуваа 150 новинари, медиумски експерти, членови на новинарски асоцијации, регулаторни и саморегулаторни тела од 40-тина држави членки на најстарата европска организација, меѓу кои и претставник на ЗНМ.

Медиумската писменост, вештачката интелигенција и нејзината примена во медиумите, регулаторните и саморегулаторните практики во медиумската сфера во европските земји, на конференцијата беа разгледувани во духот на нужноста од квалитетно новинарство, кое е единствениот одговор против лажните вести, дезинформациите, пропагандата, говорот на омраза, политичката манипулација со медиумските содржини, кои се повеќе или помалку присутни во медиумите ширум Европа, особено во онлајн сферата.

Според учесниците на конференцијата, квалитетното новинарство е загрозено не само во државите на истокот на Европа, каде што авторитарните тенденции се дел од историското наследство, туку и во старите земји членки на Европската Унија, па дури и во колевката на демократијата Велика Британија, каде што под влијание на растечкиот популизам се забележува опаѓање на професионалните новинарски стандарди.

Регистарот на професионални онлајн медиуми што го подготвуваат ЗНМ и СЕММ со поддршка на Стопанската комора на Македонија, беше посебно истакнат како редок пример на саморегулаторен механизам, кој треба да се следи и да се примени и во другите европски земји за да го помогне квалитетното професионално новинарство.

Претставници на Советот на Европа на конференцијата изразија интерес и за концептот на финансиска поддршка на печатените медиуми од државниот буџет кој по иницијатива на ЗНМ веќе втора година се практикува во Македонија, а Радио Љубљана сними посебна емисија од конференцијата каде што нашиот претставник говореше за македонските медиумски практики и иницијативи на ЗНМ.