Гутиерез: Новинарите се под притисок и закани од власта

Гутиерез: Новинарите се под притисок и закани од власта

СКОПЈЕ 12.05.2017 Генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез кој е во Македонија на покана од Здружението на новинари на Македонија, искажа сериозна загриженост за медиумската состојба, пред се, за нападите врз новинарите. Но и остри критики за анти-новинарската реторика за која, според него, одговорноста е кај политичарите од власта, пред се Груевски, како и останатите. И покрај препораките на Советот на Европа за заштита на новинарите, тие во Македонија не само што се цел на физички и вербални напади, туку и се затвораат. Факт кој ја позиционира Македонија во група заедно со Русија, Турција, Црна Гора и Азербејџан.

„Неприфатливо е во земја членка на Советот на Европа, воопшто граѓанин, а не пак новинар, да биде во притвор подолго од една година. Тоа е целосно спротивно со европските стандарди. Македонија“, рече Гутиерез. Македонија е на самото дно во Европа кога се во прашање медиумските слободи. Голем процент од новинарите се изјасниле дека чувствуваат притисок при извршувањето на професионалните задачи поради што силно е изразена автоцензурата. Според Гутиерез, опасно е строгото регулирање на медиумите. „Во Македонија тие се веќе регулирани и затоа не се потребни нови закони. Прекумерната регулација не е во согласност со европската практика“ , вели тој. Претходната влада уште пред една година потпишала две европски препораки: едната за заштита и безбедност на новинарите а втората за слободата на медиумите на интернет. Со овие препораки практично на Владата и е оневозможено да ја ограничува слободата на изразување на интернет порталите и дополнително таа се согласила дека нема да наметнува непримерни казни.

Оваа активност е во рамки на проектот “Мрежа на новинари за медиумските слободи во Македонија”, финансиран од ЕУ, во рамките на приоритетот на слободата на медиумите на Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Овој проект е имплементиран од страна на ЗНМ а во партнерство на Европската федерација на новинари.

12 мај 2017 година, Скопје