СКОПЈЕ, 20.12.2018 – Работните права и нивното почитување не се забранета тема во македонските медиуми, но сепак, со едно кусо пребарување на интернет сајтовите на македонски медиуми може да се заклучи дека оваа значајна тема се третира ретко и површно. Најголем дел од текстовите/прилозите поврзани со правата на работниците во Македонија се всушност извештаи од прес-конференции на државни институции (МТСП), синдикати или нелвадини организации. Ретко, на македонските медиуми може да се најде, прочита, слушне или види подлабока анализа или истражување на тема работни права и покрај фактот што постојано слушаме информации за драстични кршења на работничките права во Македонија.
Логично, се поставува прашањето зошто е тоа така? Зошто новинарите и уредниците не се повеќе заинтересирани за оваа тема, која во држава со слаба економија и голема невработеност постојано би требало да биде предмет на сериозна анализа и истражување.
Еден од можните одговори на ова прашање е поврзан со фактот дека во последната деценија медиумската сфера комплетно се промени и тоа во негативна насока. Дигитализацијата, интернетот и социјалните мрежи го променија начинот на кој јавноста/публиката гледа на новинарството. Традиционалниот начин на селектирање, подготвување, обработка и објавување на вестите и информациите се повеќе е реткост. Денес најважна е брзината, бројот на објави, кликови, споделувања, лајкови за чие постигнување не се бираат средства, бидејќи токму големиот број на објави, кликови и споделувања му носи финансиска добивка на медиумот. Аналитичкото, истражувачко и критичко новинарство кое што бара сериозни ресурси, и финансиски и човечки, не му го носи на кој и да е медиум толку потребниот профит за функционирање. Тоа значи дека трката за профити и зголемена гледаност, слушаност, читаност ги фрла во сенка основните новинарски начела, ја намалува можноста за запазување на професионалните стандари и истовремено ја трга на страна вистината, а со тоа и јавниот интерес, чиешто штитење е суштината на новинарството како професија.
Целата анализа можете да ја погледнете ТУКА.