Екипа на Алфа ТВ попречена во работата од страна на приватното обезбедување на Скопје Сити Мол

Екипа на Алфа ТВ попречена во работата од страна на приватното обезбедување на Скопје Сити Мол

СКОПЈЕ, 02.05.2019 – На 1-ви мај 2019 година, пред влезот на трговскиот центар „Скопје Сити Мол“ снимател и новинар од Алфа ТВ биле грубо попречени во вршење на своите работни задачи. Припадници на приватната агенција за обезбедување „ОСА“ им пристапила на снимателот и новинарот на тротоарот пред влезот на трговскиот центар Скопје Сити Мол и наредиле да не снимаат и да го напуштат просторот.

По пријавата од страна на екипата на АЛФА ТВ до ЗНМ, остварен е контакт со менаџерите на оваа агенција за обезбедување. Од таму велат дека ќе го преиспитаат настанот и ќе преземат мерки за утврдување одговорност кон лицата од нивната агенција кои евентуално ги пречекориле своите овластувања. Освен тоа, од „ОСА“ додаваат дека се извинуваат на снимателот и новинарката доколку на било кој начин ја попречиле нивната работа.

ЗНМ ќе достави и барање за испитување на овој случај до Комората за приватно обезбедување на Република Северна Македонија со цел расчистување на овој инцидент. Потребно е да се знае дека припадниците на агенциите за приватно обезбедување во ниеден случај не смеат да ја ограничат работата на снимателите и новинарите кои известуваат, особено од јавен простор.