СКОПЈЕ, 27.11.2017 – Претставникот на Здружението на новинари на Македонија, Иван Брешковски, учествуваше на конференцијата „Е-општество“ каде се дискутираше за начините на регулација во медиумите, јавниот сервис, (не)довербата кон новинарите, слободата на изразување во општеството, како и за потенцијалните реформи во медиумската сфера.
Брешковски во своето обраќање се осврна на законите кои се однесуваат на медиумите и нивните активности. „Како основен закон со кој се регулира работата на приватните радиодифузери, но и на јавниот сервис е ЗААМУ за кој моментално има и јавна расправа за негово дополнување и изменување со цел да се обезбеди финансиска и институционална независност на МРТ и медиумскиот регулатор пред се“ рече Брешковски.
„Клучно е да нема преголема регулација во медиумскиот сектор затоа што таа може негативно да влијае и да ја наруши кревката состојба со слободата на изразување“
Брешковски нагласи дека многу е важно да се спомене и судската пракса во случаите на спорови против медиуми, а особено против новинари. Во минатото тоа било инструмент за притисок врз новинарите. „Во 2012 година имаше над 300 случаи против новинари. Затоа ЗНМ иницираше нов граѓански закон за овие дела, со кој ќе се заштитат правата на новинарите и ќе се даде можност преку демант и исправка да се избегнат долги и скапи судски процеси. Денес, овие постапки за клевета и навреда на новинари се поретки. Информација од јуни 2017 година вели дека постојат 39 вакви случаи. Тоа е позитивен тренд, за да не се заплашуваат новинарите“, вели тој.
Понатаму Брешковски се повика на анализите на ЗНМ, експерти од Советот на Европа и ОБСЕ според кои во имплементирањето на законот за клевета и навреда, важно е Судовите да ја применуваат праксата на ЕСЧП при носење на своите одлуки, односно да цитираат конкретни случаи кога ги образложуваат своите одлуки и да ги базираат на истите.
Исто така, тој нагласи дека во делот на клевета и навреда, остануваат долгите рокови и истите не се запазуваат од страна на судот. „Судот мора да ги заштити правата на оштетените во согласност со праксата на ЕСЧП особено кога се работи за онлајн медиуми“, рече тој и додаде дека Судот во Скопје има лоша пракса да ги исклучува од одговорност лицата (правни или физички) за нанесена навреда или клевета преку онлајн медиум по даден приговор за недостиг на пасивна легитимација. „Со тоа судот покажува дека онлајн медиумите не ги смета како средства за јавно информирање и со тоа не ги смета за одговорни. Оваа пракса на судот во Скопје потребно е да се промени за да го спроведува дословно законот во согласност со праксата од Стразбур“, истакна тој.
Според Брешковски, важен процес за превенција од тужби кон новинари е промоција на саморегулативните механизми во медиумите со цел решавање на евентуален спор надвор од судот со што се избегнуваат судските трошоци, долги постапки и се постигнува ефект кој во јавноста ја крева свеста за важноста на професионалните стандарди на новинарската професија.