ЗАЕДНИЧКА ИНИЦИЈАТИВА НА ЗНМ, ИРЕКС И МРТВ ЗА КРЕВАЊЕ НА СТАНДАРДИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕРВИС

ЗАЕДНИЧКА ИНИЦИЈАТИВА НА ЗНМ, ИРЕКС И МРТВ ЗА КРЕВАЊЕ НА СТАНДАРДИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕРВИС

Група од над 30 новинари и сниматели од јавниот сервис, од МТВ 1, МТВ2 и од Македонското радио викендов учествуваа на три дневна обука за кревање на стандардите во известувањето и работењето, и во битката против дезинформации. Обуката, прва од ваков формат за вработените на јавниот сервис заеднички ја организираа ИРЕКС со поддршка на УСАИД, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми и МРТВ.

На работилницата беа обработувани актуелни теми од областа на новинарскиот живот, раскажување приказни, креирање „сториборд“ и параграф преку секвенци, како да се креираат подкасти, а беше обработена и темата за подготовка и развивање на истражувачка сторија. Воедно беа опфатени и специфични теми кои се однесуваат поконкретно на работата на редакциите во рамките на МРТВ.

Обучувачите, Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, уредниците и новинарите Сашка Цветковска, Ана Зафирова и Тоше Огњанов, како и директорот на ЗНМ Драган Секуловски одржаа предавања на неколку теми: медиумскиот пејзаж и улогата на јавниот сервис, медиумите што се менуваат и типови медиумска писменост,  за процесот на создавање и ширење на дезинформации, за креирање истражувачки стории, а се правеа и вежби со снимање и креирање видеа во реално време.

Учесниците на обуката новинари, сниматели и уредници со своето активно и креативно учество дадоа дополнителен импулс на целиот настан. Заедно се согласија дека ваков формат на настани се од исклучително значење за јакнење на новинарскиот дух и самостојноста на редакциите и дека и во наредниот период  тие ќе продолжат. На тој начин јавниот сервис со поддршка на Здружението на новинари на Македонија, на Македонскиот институт за медиуми и ИРЕКС ќе обезбеди континуитет во процесот на кревање на новинарските и уредувачките стандарди и политики.

Проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат”, во чии рамки се одржа овој настан, е петгодишен проект финансиран од УСАИД и имплементиран од ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум.