Започнаа обуките за млади новинари-истражувачи

Започнаа обуките за млади новинари-истражувачи

СКОПЈЕ, 30.11.2017 – Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Американската амбасада во Македонија го започнаа циклусот на обуки за младите новинари, истражувачи и граѓански активисти. Тема на овие обуки ќе биде: „Унапредување на техники за истражување и креативно презентирање“.

Интерактивните предавањата ќе ги спроведат Зоран Димитровски (одговорен уредник на неделникот „Фокус“), Зоран Ричлиев (новинар и консултант за дигитални медиуми), а еднаш месечно онлајн предавање ќе држат и експертите од областа на новинарските истражувања од истражувачкиот центар MuckRock од САД.

„Оваа обука е дел од еден нов и иновативен пристап на едукација кој што е поддржан од Стејт Департментот. Ова прв ваков проект во светот кој што го поддржуваме, а доколку се покаже како успешен ќе продолжиме да го спроведуваме во Македонија, но и во другите земји. По информациите кои ги добивме дека студентите по новинарство во Македонија немаат практична настава на факултетите, решивме да организираме обуки кои ќе им го овозможат токму тоа“, истакна Бен Лингеман, кој работи како асистент на советникот за односи со јавност во Амбасадата на САД во Скопје.  %d0%be%d0%b1%d1%83%d0%ba%d0%b0-%d0%be%d0%b1%d0%b0%d1%9c%d0%b0%d1%9a%d0%b5

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, и се заблагодари на Американската амбасада која секогаш давала поддршка на ЗНМ во борбата за слобода на говорот и медиумите. Тој истакна дека овој вид на обуки се од огромна важност за младите новинари и истражувачи. „Во новинарството многу е важно да знаете да дојдете до веста. Најчесто за да дојдете до значајните вести треба длабоко да истражите и да анализирате многу податоци. Оваа обука токму тоа го има за цел. Да научите да ја препознаете веста, а потоа да ја пласирате на начин кој ќе биде разбирлив за целата јавност“.

На учесниците на обуката им се обрати и обучувачот Зоран Ричлиев, кој нагласи дека очекува по завршувањето на обуките од оваа група да излезат новите ѕвезди на македонското истражувачко новинарство.

Новинарските продукти кои ќе произлезат од обуките, ќе бидат објавени на веб страната на ЗНМ и тие ќе бидат промовирани и достапни за јавноста заедно со авторите кои ќе бидат дел од процесот на оваа обука. %d0%be%d0%b1%d1%83%d0%ba%d0%b0-%d0%bd%d0%b0%d1%81%d0%b5%d1%80-%d0%be%d0%b1%d1%80%d0%b0%d1%9c%d0%b0%d1%9a%d0%b5

Учесниците кои успешно ќе го завршат овој циклус на обуки ќе се здобијат со сертификати за учество на пригоден настан организиран од ЗНМ и Американската амбасада во Скопје.