СКОПЈЕ 01.03.2017 Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува нападите на колегите од телевизијата А1.on, новинарот Александар Тодевски и камерманот Владимир Желчевски кои минатата вечер беа нападнати од учесниците на протестот организиран од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Очекуваме министерството за внатрешни работи брзо да ги идентификува насилниците и да покрене истрага против нив.
Насилството против новинари претставува најсериозен напад врз слободата на медиуми со што спречува јавноста да биде информирана.
Политиката на неказнивост на нападите врз новинарите која владата во последните пет години ја негува директно ги поттикнува ваквите напади.
Го повикуваме лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, јавно да го осуди вчерашниот напад врз двајцата новинари и да ги повика неговите поддржувачи, во овој случај оние кои протестираат, да престанат со нападите.
Како знак за протест, поради зачестените напади, ги повикуваме сите новинари да не известуваат од вечерашните протести од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Во иднина нашата позиција во однос на овие настани ќе зависи од спремноста на организаторите на протестите и Министерството за внатрешни работи, да гарантираат безбедни услови за работа за новинарите.
Здружение на новинарите на Македонија
Скопје 01.03.2017
Фото: ТВ Телма