ЗНМ: Измените на законот оставаат простор за манипулации

ЗНМ: Измените на законот оставаат простор за манипулации

СКОПЈЕ, 05.02.2019 – Здружението на новинарите на Македонија реагира на последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) и на Изборниот законик, кои на четврти февруари беа усвоени во скратена постапка од страна на Собранието, без притоа да биде консултирана новинарската заедница.

Измените на ЗААМУ кои се однесуваат на членот 102 во делот на забрани за рекламирање даваат можност на јавните институции на централно и локално ниво да продолжат да ги финансираат радиодифузерите доколу со истите имаат потпишано договори за соработка кои се важечки и после стапување на сила на овој закон. Ова остава простор овој член од законот лесно да се злоупотреби и јавни средства да бидат исплаќани и во иднина на медиумите и покрај декларативната забрана на истите.

Потсетуваме дека за истиот член од Законот со измените од 31.12.2018 година, ЗНМ исто така имаше критика, каде според новата дефиниција јавните институции не треба да планираат средства за приватните медиуми, но не и да имаат изричита забрана за користење на јавни пари во медиуми. Со ова се остава можност за продолжување на клиентилистичкиот однос на централната и локалната власт кон медиумите, особено земајќи во предвид дека не се предвидува казна за прекршување на овој член.

Последните измени го потврдуваат сомнежот на ЗНМ дека Владата и понатаму има намера да финансира приватни радиодифузери без никакви критериуми со што се става под знак прашалник и независноста на уредувачката политика на овие медиуми.

Потсетуваме дека и изборниот законик во делот на изборните кампањи, предвидува политичките кампањи да бидат платени на приватните медиуми директно од буџетот на Р. Македонија. Ставот на ЗНМ е конзистентен и јасен, дека се додека со јавни пари се плаќаат кампањи на политички партии, се загрозува независноста на медиумите и начинот на кој тие ќе ги претставуваат кандидатите пред јавноста во изборната кампања, а ова може да влијае и на самиот изборен резултат.

Истовремено, ЗНМ ги поздравува измените во Изборниот законик кои се однесуваат на онлајн медиумите, со кои и се одзема надлежноста на Државната изборна комисија да ја мониторира работата на онлајн медиумите за време на изборна кампања. Овие измени се во согласност со претходните препораки на ЗНМ, но и на Советот на Европа, според кои не постои методологија според која може државата да цени дали онлајн медиумите се (не)професионални во начинот на кој тие известуваат за изборните процеси.