СКОПЈЕ, 14.03.2019 – Здружението на новинарите на Македонија изразува солидарност и поддршка на колегите новинари од Хрватска кои во последно време се честа мета на закани.
Имено, пред неколку дена во близина на зградата во Загреб во која се сместени редакциите на Н1 телевизија, Нет.хр и Телеграм пронајдена е заканувачка порака за новинарите. „Смрт за новинарите“ гласеше пораката која набрзо по пријавата во полиција беше избришана од страна на властите во Загреб.
Оваа закана следеше откако хрватските новинари на почетокот на март протестираа против постојаните закани кон новинарите, насилството врз нив, против судскиот прогон, како и против притисокот од страна на властите врз огласувачите во медиумите.
„Презаситени сме од бројните тужби и од судскиот прогон, веќе секој може да не тужи во оваа држава. Јавните институции водат војна против новинарите. Живееме во земја во која може да не осудат за објавување на вистинити информации“, рече претседателот на Хрватското здружение на новинари (ХНД) Хрвоје Зовко пред почетокот на протестот кој се одвиваше под мотото „ни ги земавте медиумите, но новинарствотот не го даваме“.
ЗНМ апелира до највисоките претставници на Хрватска да ги осудат овие ужасни закани и да помогнат да спласнат притисокот и заканите врз новинарите, бидејќи секој напад врз новинарите претставува напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.