Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер од 26-28 мај организираа вебинар на тема: „Новинарството во време на пандемија, вонредна состојба и карантин – Предизвици, одговорност и период на промени и прилагодување“. На работилницата учествуваа претежно млади новинари од повеќе медиуми од државата, а во улога на обучувачи беа новинарите Столе Наумов и Маја Јовановска.
Вебинарот беше фокусиран на подобрување на вештините и техниките за интервјуирање кај учесниците, а беа опфатени и теми за истражувачко новинарство. Се разговараше и за новинарството и медиумите во време на пандемијата со коронавирусот во насока на етичко и професионално известување.
Гости на работилницата беа Министерот за здравство, Венко Филипче и новинарот Мирче Адамчевски, кој е еден од двајцата новинари кои успешно го прележаа коронавирусот. Учесниците имаа прилика да разговараат со нив и да се информираат за сите прашања поврзани со пандемијата и нивните лични искуства. Освен тоа се разговараше за работата на медиумите и комуникацијата на министерот со новинарите во време на кризата.
По завршувањето на вебинарот новинарите беа поделени во четири групи, во чии рамки заеднички ќе треба да изготват новинарски продукти кои потоа ќе бидат објавени и споделени на каналите за комуникација на ЗНМ.