
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) беше домаќин на амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и неговиот тим, одбележувајќи ја континуираната соработка која значително придонесе за развојот на слободата на медиумите во регионот.

Во фокусот на состанокот беа активностите поврзани со успешната реализација на летниот камп за млади новинари кој претставува заедничка иницијатива на ЗНМ и ОБСЕ Скопје.
Оваа платформа е одличен начин за дополнителен професионален развој на младите новинари каде постои можност за споделување на знаење и простор за меѓу-редакциска соработка. Двете организации сметаат дека на овој начин се одржува амбицијата и иницијативната кај младите за постојана професионална надоградба во новинарството.
За време на средбата се разговараше и за потребата од формирање на фонд за поддршка на медиумскиот плурализам, иницијатива на ЗНМ која има за цел да обезбеди еднаков пристап до ресурси за сите медиуми и новинари, со што би се надополнил медиумскиот пејсаж. Таквиот фонд би бил инструмент за промовирање на избалансирана медиумска средина, поддржувајќи различни содржини и наративи.
Напорот на ЗНМ за овој фонд е јасен показател за посветеноста на разновидна и слободна медиумска сфера, залагајќи се за негово признавање и поддршка од пратениците и властите

Фокусот на соработка останува во насока на подобрување на слободата на медиумите и унапредување на безбедноста на новинарите и медиумските работници, што е од клучно значење за одговорен и разновиден медиумски сектор.
Оваа соработка продолжува да биде клучна во обликувањето на поинформиран и поинклузивен новинарски пејзаж во регионот, поттикнувајќи го растот и различноста на медиумската индустрија.
Скопје, 01 февруари 2024 година