СКОПЈЕ, 10.01.2018 – Здружението на новинарите на Македонија во соработка со УНДП, во Велес, организираа тридневна работилница за новинари на тема: „Слободни и еднакви/Инклузивно известување за човековите права и различности“.
Главен заклучок на работилницата беше дека новинарите треба да ги почитуваат човековите права и етичките норми и да се воздржат од дискриминација и говор на омраза посебно кон маргинализираните заедници.
Предавачите на работилницата Марина Тунева и Ирена Цветковиќ, укажаа дека некои медиуми во земјава ги прекршуваат основните човекови права, особено кон маргинализираните заедници, ширејќи говор на омраза и дискриминација. Притоа, заеднички беше констатирано дека е неопходен систематски ангажман на регулаторните и саморегулаторните тела за воспоставување пристојност во продукцијата на теми поврзани со ЛГТБ заедницата.
Според Марина Тунева од Институтот за комуникациски студии и директор на Советот за етика во медиумите, медиумите имаат многу важна улога во менувањето на перцепциите и градењето на ставовите на јавноста околу значајни прашања од јавен интерес. „Новинарите во своите медиумски написи треба да помогнат да се надминат некои видови информирања што не се пожелни, кои значат стереотипизирање на ЛГБТ популацијата во земјава. Тоа значи да не известуваат со ограничени извори на информации, изборот на теми да биде поширок и да не биде сервисно информирање само од настани што ги организирале“, истакна Тунева.
Ирена Цветковиќ пак истакна дека граѓанските организации единствено во соработка со медиумите можат да придонесат кон поинклузивно, демократско известување во медиумите особено кога се известува за теми поврзани со маргинализираните групи во заедницата. „Ние од Коалицијата „Маргини“ силно веруваме дека медиумите се нашиот клучен партнер во нашата цел, а тоа е менување на општеството и градење на демократско општество, чиишто принципи почиваат на слобода и еднаквост за сите“, рече Цветковиќ.
Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, најави дека за наредниот месец е планирано да се испечати прирачник за етичко известување за различностите и тој ќе биде достапен на три јазици (македонски, албански и англиски) за новинарите од државата.