ЗНМ на средби со претставници на Европските институции

ЗНМ на средби со претставници на Европските институции

СКОПЈЕ, 29.11.2018 – Претставници на Здружението на новинарите на Македонија беа во тродневна посета на Брисел каде остварија повеќе билатерални средби со претставници на Меѓународната федерација на новинарите (IFJ), пратеници на Европскиот парламент, претставници на Европската комисија како и со други организации кои работат во сферата на медиумите.

На првата средба Претседателот на ЗНМ – Насер Селмани, Извршниот директор – Драган Секуловски, како и координаторот за комуникации – Дениз Сулејман се сретнаа со директорката на Европската федерација на новинарите – Рената Шредер и нејзините колеги со кои во останатиот период се сретнаа уште неколку пати. Тие разговараа за актуелната состојба со медиумите во државата, за чекорите кои треба да се преземат, како и за можната идна соработка со ЕФН и МФН со цел да се зголемат капацитетите на новинарите и да се зголеми нивото на безбедност при нивното работење. efj

Втората средба на која присуствуваа претставниците на Здружението беше групната средба со Европската Комисија (DGNEAR) на која се разговараше за медиумските реформи и за безбедноста на новинарите во државата и во регионот, додека подоцна истиот ден одржаа и билатерална средба со одговорните лица за Македонија.

Во рамки на посетата, претставниците на ЗНМ имаа билатерални средби и со неколкумина пратеници од Европскиот Парламент како што се: Алојз Петерле, Иво Вајгл и Тонино Пицула, а потоа присуствуваа на брифинг каде пред новинарските организации од земјите од Западен Балкан говореа европарламентарците Тања Фајон и Кнут Флекенштајн.

На сите средби беше укажано дека загрижува фактот што во последната верзија на „Планот 18“ на Владата на Република Македонија е избришан делот кој се однесуваше на реформи во медиумите. Исто така, посебен акцент беше ставен и на високото ниво на неказнивост на нападите врз новинарите чиј процент се уште е многу висок. На средбите стана збор и за потребата за промена на спорните делови во Изборниот законик за кои Здружението на новинарите на Македонија алармираше при самото негово изгласување, а во таа насока беше нагласена и потребата од одблокирање и конечно изгласување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој веќе одамна е заглавен во Парламентот. qbjzedwv-jpg-large

Оваа посета беше организирана како дел од активностите кои ги презема ЗНМ во делот на застапување и лобирање за безбедноста на новинарите и слободата на медиумите во Македонија.

Како резултат на средбите кои ги имаа претставниците на ЗНМ, на вчерашната пленарна седница на Европскиот парламент, пратеникот Иво Вајгл ја истакна важноста на медиумите во едно демократско општество. Тој рече дека Македонија ќе треба да обезбеди простор за слободни и плуралистички медиуми, треба да ги заштити новинарите во земјата и да се бори против организираниот криминал на поефективен начин.

vajgl