Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го објави годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија за 2023 година, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија.
Овој извештај е резултат на целогодишно истражување кое ние како Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ) заедно со уште седум новинарски организации од седум земји сме членови на мрежата на западен балкан Safejournalists и осма година по ред го изготвуваме секоја земја засебно по иста методологија. Со поддршка на Европската комисија оваа заедничка платформа Safejournalists ги следи промените во законодавството и практиката на своите земји и се вклучуваме во различни активности за застапување насочени кон унапредување на политичкото, законодавното и институционалното опкружување во кое работат новинарите, медиумските работници и медиумите.
Методологијата на истражувањето е составена од три групи индикатори (Правната заштита, Положбата на новинарите во редакциите и безбедноста на новинарите)
Во претходните две години беше креиран и дополнителен документ Индексот на безбедностa на новинарите на Западен Балкан (Индекс) кој претставува алатка заснована врз истражување, дизајнирана да ги мери и следи промените во соодветното општествено и политичко опкружување на земјите од Западен Балкан што имаат директно или индиректно влијание врз безбедноста на новинарите и медиумските професионалци додека ја практикуваат својата професија.
Она што е важно за изминатава 2023 година за која и се однесува овој годишен извештај е дека на почетокот на 2023 година, беа изгласани измените и дополнувањата на Кривичниот законик на РСМ, каде нападот кон новинар или медиумиски работник ќе се третира како напад кон службено лице. Според измените на Кривичниот законик, во повеќе кривични дела е додадена квалификувана форма на кривчните дела каде е пропишана повисока казна за извршување на тоа дело кон новинарите и новинарките со надеж дека ќе се делува превентивно и ќе одврати потенцијални сторители. Македонија бележи скок во сите индекси за безбедност на новинари и медиумски работници токму поради фактот што измените на овој закон ги ставаат медиимските работници во една повластена положба и на тој начин се нудат системски решенија како тие да бидат позаштитени во вршење на својата работа. Тоа што нас ни останува како предизвик е да се следи како ќе се одвиваат истрагите и судските постапки во иднина со цел да се демотивираат напаѓачите да посегаат по интегритетот на новинарите и медиумските работници, меѓутоа и да се намали трендот на напади, како и политиката на неказнивост.
Од особена важност е да се воспостави позитивна судска пракса со доследна примена на овие измени со цел правосудните органи да имаат проактивен пристап при заштита на правата на новинарите. Само преку функционален систем за заштита на новинарите може да се очекува дека ќе се демотивираат напаѓачите да се закануваат и да напаѓаат, а на тој начин да се осигура безбедна средина како основен предуслов за нивната работа.
Позитивна промена е назначувањето нa надлежeн обвинител кој ќе го следи постапувањето во предметите во кои се нападнати новинари. Во насока на унапредување на ефикасноста во контекст на безбедноста на новинарите и медиумските работници, во ноември 2023 година, по повод меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата врз новинарите, Основното јавно обвинителство во соработка со Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) назначи нови три посебни јавни обвинители за тетовското, битолското и штипското апелационо подрачје. Преку востановената посебна линија за комуникација со Јавното обвинителство, новинарите ќе можат да се информираат за текот на постапките за физички напади и насилство. Сепак, сѐ уште не постојат посебни упатства усвоени од МВР и од Јавното обвинителство за ефикасно откривање и гонење на сторителите на нападите и заканите врз новинари. Во контекст на безбедноста на новинарите и медиумските работници во 2023 година, од вкупно 5 регистрирани случаи на повреда на правата на новинарите два случаи завршиле со правосилни осудителни пресуди, додека останатите три случаи се во фаза на истрага пред Основното јавно обвинителство (ОЈО).
Во однос на препораките за подобрување наведени во извештајот ЗНМ конструктивно инсистира на создавање Фонд за слободни медиуми, преку кој ќе се поддржуваат проекти од јавен интерес, за новинарски продукти, преку кој ќе се овозможи финансирање проекти за истражувачко, аналитичко новинарство, за документарна, образовна и едукативна содржина. На овој начин, најпрактично би се помогнало новинарството, а ќе се влијае и врз подобрувањето на примањата на новинарите и медиумските работници. Вака би се избегнало враќање на состојбата во медиумската индустрија на нивото од пред пет години, кога со државни средства, на нетранспарентен начин беа плаќани астрономски суми во медиумите без никакви критериуми. Финансиската независност и одржливост на јавниот радиодифузер остануваат отворено прашање, а МРТ во 2023 година бележи уште помал буџет споредбено со претходните години.
Општа оценка е дека во 2023 година, социо-економската положба на новинарите не беше значително подобрена, споредбено со изминатите години, односно поради намалувањето на приходите од огласување во целиот медиумски сектор, иако во одредени медиуми има минимално покачување на месечните примања на медиумските работници. Работниот статус на многу новинари, особено во приватните медиуми е несигурен, бидејќи новинарите главно имаат договори на определено време или хонорарни договори, на дел од нив не им се исплаќа надоместокот за пензиско и социјално осигурување, примањата им се ниски, а не им се почитуваат и другите работни права. Поради тоа, новинарите се многу поранливи на притисоци, како од менаџерските структури, така и од сопствениците и од политичарите.
Најлоша е позицијата на новинарите во локалните и во регионалните медиуми, поради тоа што овие медиуми се во лоша финансиска состојба, а освен тоа во малите средини, локалните моќници можат полесно да вршат притисок. Работниот статус и положбата на новинарките во редакциите не се разликува многу од онаа на нивните колеги новинари, со исклучок на тоа што на раководните позиции во медиумите има помалку жени.
Во 2023 година, бројот на напади кон новинари беше намален. Но, иако бројот на вербални и физички закани генерално споредбено со изминатите 10 години се намалува, загрижува фактот што новинарите и медиумските професионалци се сѐ почесто предмет на закани и малтретирања во онлајн просторот односно на социјалните мрежи, од кои дел беа сериозни закани по физичката безбедност на новинарите што работат на истражувања на корупција и други негативни општествени појави. Покрај тоа, надлежните институции и судовите сѐ уште не водат доволно ажурна евиденција за заканите и нападите врз новинари, ниту, пак, ги објавуваат ваквите податоци. Сепак, позитивно е што надлежните институции се отворени за соработка со ЗНМ и низ заедничките консултации покажуваат подготвеност да се работи на подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници преку поажурно преземање мерки и гонење на сторителите на напади и закани.
Годишниот извештај е изготвен на македонски, англиски и албански јазик.