ЗНМ: Осуда на Мицкоски за објавата со која етикетира новинари на 1ТВ

ЗНМ: Осуда на Мицкоски за објавата со која етикетира новинари на 1ТВ

СКОПЈЕ, 15.08.2019 – Здружението на новинарите на Македонија ja осудува објавата на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во која тој на непримерен начин ги опишува новинарите и уредниците на 1ТВ и нивното работење. Тој на својот профил на Фејсбук обвинува дека новинарите биле пристрасни и дека биле плаќани на сомнителен начин.

Го потсетуваме Мицкоски дека работата на медиумите и новинарите ја оценува јавноста и професионалните здруженија и таквите паушални оценки особено од високи политички претставници, единствено придонесуваат во намалување на довербата на јавноста во медиумите. Освен тоа, Мицкоски го нарушува принципот на пресумпција на невиност земајќи во предвид дека овој случај е во истражна постапка, а според објавите во медиумите нема индиции за вмешаност на новинарите од оваа телевизија.

Апелираме до лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и до останатите политичари да престанат со ширење на квалификации за новинарите бидејќи тоа не е во духот на европските вредности и на долг рок може да предизвика само негативни последици во слободата на изразувањето.

ЗНМ ќе ја извести меѓународната заедница за овој тренд на водење на црни кампањи кон новинарите од страна на политичарите, бидејќи доколку дојде до посериозен напад врз некој од нашите колеги главниот дел од одговорноста ќе ја имаат токму тие.