СКОПЈЕ, 18.09.2019 – Здружението на новинарите на Македонија е незадоволно од решението на Основниот кривичен суд во Скопје кој одлучи дека настапила застареност на делото според кое новинарот Томислав Кежаровски беше осуден пред шест години во предметот „Ликвидација“. Сметаме дека ваквиот развој на настаните не оди во прилог ниту на новинарството, ниту пак на правната држава во целост.
Истовремено, од ЗНМ изразија револт поради фактот што во минатите години, во многу наврати, Здружението бараше од Основното јавно обвинителство да го повлече обвинението против Кежаровски, откако Врховниот суд го врати неговиот предмет на повторно судење.
Со оглед на тоа што предметот беше вратен на повторно одлучување, го ЗНМ повика и Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинението, со што колегата Кежаровски ќе беше прогласен за невин, а со тоа ќе се демонстрираше на дело дека во оваа држава слободата на говорот е загарантирана како основно човеково право. За жал ниту една од институциите не покажа разбирање и разумност по однос на овој предмет.
Штетите од овој предмет се огромни за државата. Северна Македонија беше одбележана како една од единствените земји која имаше новинар во затвор, бевме посочени како неслободна земја во која не се почитуваат новинарските права и слободи. Ваквите примери на праксата на правосудните органи кои за жал не успеваат да ги заштитат новинарите не придонесуваат кон лошата перцепција што ја има судството.
„За ова, веќе подолго време трпиме критики во сите релевантни меѓународни извештаи. Во извештајот на Европската комисија за државата се вели дека органите за спроведување на законот и Јавното обвинителство треба ефективно да ги следат сите инциденти против новинарите. Старите случаи на најсериозните физички напади врз новинарите не се решени поради непрофесионално однесување во истрагите“, се вели во соопштението на ЗНМ.
Последиците од ваквиот расплет на настаните за колегата Кежаровски се огромни. Пред се, нарушено му е здравјето, но и честа и угледот на новинарот. За овој проблем, Здружението на новинарите на Македонија ги извести сите релевантни меѓународни организации. Дополнително, ќе испрати известување и до претставниците на меѓународната заедница каде ќе изразиме загриженост и ќе побараме одговорност од сите надлежни органи кои постапуваа по овој предмет.