СКОПЈЕ, 10.11.2016 Здружението на новинарите на Македонија се согласува со оценката на Европската комисија дека состојбата со слободата на медиумите годинава во Македонија се влошува. Комисијата во извештајот за напредокот на Македонија за годинава, со право заклучува дека во најголем дел од македонските медиуми отсуствува политички плурализам и дека националните телевизии координирано ја поддржуваат владејачката партија.
Констатираме дека најголем дел оценките на Комисијата во врска со насилството врз новинари, финансирањето на медиумите и состојбата во Македонската радио телевизија и медиумскиот регулатор, се совпаѓаат со ставовите на ЗНМ.
Комисијата потврдува дека новинарите се изложени на секакви напади, додека властите не преземаат ништо да ги казнат насилниците, меѓу кои има и политичари. Јасно се истакнува дека физичките напади, незаконското прислушувањето и лошите работни услови на новинарите имаат за цел да поттикнат самоцензура.
Европската комисија не бара да се озаконат владините кампањи, кои служат за вршење притисок врз медиумите, туку бара целосна транспарентост за досега потрошените пари за оваа намена. Во извештајот се инсистира на критериуми за објавување на бесплатните медиумски кампањи, кои се од вистински јавен интерес.
Недвосмислено е потврдена загриженоста на ЗНМ во врска со уредувачката и финансиската независност на Македонската радио телевизија, која се уште не може да обезбеди објективно и точно известување за различни ставови и мислења во јавноста.
Комисијата ги цени заложбите на новинарските организации за медиумски реформи, но заклучува дека нема политичка посветеност за промоција на медиумски плурализам и независност.
ЗНМ ги поддржува повиците на Европската Комисија за инклузивен дијалог со новинарската заедница со цел да се преземат драстични мерки за зајакнување на независноста и плурализмот во медиумите.
Фото: МИА
Скопје, 10 Ноември, 2016
Здружение на новинари на Македонија