На иницијатива на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) се одржа состанок со директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми (АВМУ) Зоран Трајчевски и дел од стручната служба на регулаторот.
За време на средбата се разговараше за две главни точки: првата беше барање за намалување на давачките на локалните и регионалните медиуми кон регулаторот, а втората точка беше проблемот кој со години е актуелен, а тоа е немање на дописничка мрежа на националните концесионери.
Чадиковски се осврна на овие две точки како реални проблеми со кои се соочуваме со години, барајќи начин како заеднички да се решат, причина заради која беше побаран и одржан состанокот.
„Ние како ЗНМ сме во постојана комуникација со нашите колеги од локалните и регионалните центри и знаеме точно со што се соочуваат на секојдневна база, не само медиумите чиј опстанок е загрозен, туку и целиот медиумски кадар кој а ангажиран таму. Ја преземавме обврската да ги браниме пред институциите. Едно од барањата е да се намалат давачките кон АВМУ на локалните и регионалните медиуми, а второто барање кое произлезе од разговорите со колегите е проблемот со дописниците. Не е прифатливо национални телевизии да немаат дописници кои известуваат надвор од Скопје, односно да нема интерес да се известува за теми од локален јавен интерес. Потребно е да се намали јазот помеѓу новинарите и снимателите кои работата во другите градови и колегите кои работат во Скопје. Според анализите на ЗНМ, има медиуми што немаат ниту еден дописник, некои има по двајца или тројца, факт е дека потребата за тоа е многу поголема“ – рече Чадиковски.
ЗНМ побара информација од АВМУ дали постои начин да се промени ситуацијата во поглед на намалување на давачките, и во исто време на кој начин може да се поттикнат националните концесионери да ја подобрат праксата на информирање на јавноста за теми од локален и регионален карактер.
Во однос на дозволите за работа, односно надоместокот кој го даваат медиумите кон регулаторот во 2018 година се намалиле за 30%, додека минатата година намалувањето е до 50% . Финансиската разлика која на АВМУ и е потребна заради намалувањето, ја надополнува Владата. Како што велат од таму, проблемот е многу поширок заради фактот што регулаторот нема можност да ги намали повеќе од сега или да ги укине, затоа што на тој начин ќе се трпи финансиска загуба, кој од друга страна пак ќе треба да ја покрива Владата, а тоа во моментов е неизводливо.
Заклучокот од средбата е дека ЗНМ и АВМУ ќе продолжат да разгледуваат начини за олеснување на работата на локалните и регионални телевизии и радија како и тоа дека ЗНМ ќе поднесе иницијатива за измена на правилниците на регулаторот со цел националните телевизии да имаат обврска да ангажираат дописници кои би известувале за прашања од локален јавен интерес.
Од извршната канцеларија на ЗНМ присуствуваа Младен Чадиковски, Драган Секуловски и Билјана Настеска Каланоска, потоа Димитар Мицев од ТВ Канал ВИС од Струмица и Неџат Аќифи од ТВ Феста Куманово, координатор од ЗНМ за овој регион.