На иницијатива на ЗНМ беше реализирана средба на работната група која ќе креира Протокол за спречување на кршење на правата на новинарите (особено на новинарките) преку интернет, развиен преку процес на вклучување и консултации со претставници на медиумите/новинарите и медиумските работници, претставници на релевантни владини институции и академската заедница Работната група е составена од членови на ЗНМ, еден член на Министерството за внатрешни работи, Правниот и Факултетот за безбедност во Скопје и други експерти релевантни за изработката на Протоколот.
Според податоците од регистарот на напади кој го води ЗНМ во последните две години регистрирани се 19 напади кон новинари и медиумски работници од кои 11 се регистрирани како напади кон жени новинарки. Но сепак загрижувачки е растечкиот тренд каде мета на онлајн закани и напади се новинарките.
Протоколот ќе има за цел воспоставување на функционален механизам за поголема безбедност и спречување на кршење на правата на новинарите (особено на новинарките) преку интернет, и заедно со измените и дополнувањата на Кривичниот закон ќе придонесе кон дополнително афирмирање и сензибилизирање на надлежните за прашањето за безбедноста на новинарките во онлајн просторот во земјава. Од страна на членовите на работната група беше прифатено дека согласно својата експертиза секој член ќе направи кратка анализа во контекст на градењето и формирањето на структурата на финалниот документ, протоколот кој треба да се финализира најдоцна до месец август 2022.
На средбата беа утврдени првичните насоки, како и чекорите и динамиката на работа согласно роковите за изготвување на нацрт анализите. Од страна на членовите на работната група беше истакнато дека во периодот што следи, ќе направат консултација со засегнати страни, студенти на право и безбедност, лица одговорни за односи со јавност во МВР, новинарки кои биле мета на напади или закани со што ќе се добие појасна слика во контекст на истражувањето и податоци за понатамошна анализа која ќе биде составен дел од Протоколот за безбедност на жени новинарки во онлајн просторот кој ќе биде потпишан од страна на ЗНМ и Министерството за внатрешни работи во текот на годинава.
Настанот е во рамките на проектот ,,Синдикатите за фер закрепнување”, финансиран од страна на Европската унија преку Европската конфедерација на синдикати и Европската федерација на новинари.