ЗНМ ја брифираше меѓународната заедница за медиумските реформи

ЗНМ ја брифираше меѓународната заедница за медиумските реформи

СКОПЈЕ, 04.12.2017 – Здружението на новинарите на Македонија денеска организираше брифинг за претставници на меѓународната заедница во Скопје, во врска со медиумските реформи.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани побара од претставниците на меѓународната заедница да ја охрабрат Владата да продолжи со медиумските реформи, кои се еден од клучните приоритети. Селмани нагласи дека Владата треба да ги усвои измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кој ќе се вградат и клучните забелешки од новинарските и медиумските организации и да ги достават на усвојување во Парламентот.

„Донесувањето на законот ќе помогне да се создадат подобри услови за работа на медиумите и медиумските работници, но длабоки и суштински реформи ќе треба да следат во наредниот период“, истакна Селмани.

Претставниците на меѓународната заедница изразија подготвеност да го помогнат процесот на реформи во медиумите во кои ќе бидат вклучени сите заинтересирани и засегнати страни.