Институциите треба да бидат потранспарентни и поодговорни

Институциите треба да бидат потранспарентни и поодговорни

СКОПЈЕ, 27.03.2018 – Здружението на новинарите на Македонија во соработка со ОнЛимит Медиа вчера организираа дебата на тема: „Предизвици на Владата и институциите во зголемување на транспарентноста пред медиумите и граѓаните“. На дебатата учествуваа министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски, претседателот на ЗНМ Насер Селмани, како и истражувачкиот новинар Сашка Цветковска.

Во своето обраќање Селмани рече дека е добро што Владата има декларативна заложба за да биде транспарентна и има преземено конкретни мерки со цел новинарите да имаат повеќе информации. Тој нагласи дека непочитување на правото на новинарите за слободен пристап до информации е кршење на слободата на изразувањето. „Се додека нема политичка одговорност, но и санкции за овие функционери кои не даваат информации, кои се побарани од страна на новинарите, не може да се смета дека имаме сериозна демократија“, истакна Селмани.

Министерот Поповски рече дека Владата е целосно посветена за зголемување на транспарентноста и отчетноста кон јавноста и медиумите. „Транспарентноста и отвореноста кон јавноста значат одговорно владеење. Оваа и многу други дебати се активности во тој правец за тоа како можеме сите заедно да ја промениме културата на политичкото однесување во општеството, а ние сме посветени да го направиме тоа“, истакна тој.

На дебатата се обрати и новинарката Сашка Цветковска, која ја пофали Владата дека го променила односот кон новинарите и медиумите, но нагласи дека одредени министри и функционери не одговараат брзо на барањата за информации. Според неа, проблемот кој останува е одговорноста или неодговорноста на институциите и на јавните функционери кога има јавен податок, кога тој ќе биде пренесен во медиумите и ќе биде евидентно сфатено дека има злоупотреба на службена должност и прекршување на одредени закони, а кога не се постапува од страна на институциите.