Министрите да се воздржат од изјави кои се сфаќаат како закани или етикетирање

Министрите да се воздржат од изјави кои се сфаќаат како закани или етикетирање

СКОПЈЕ, 30.01.2019 – Здружението на новинарите на Македонија смета дека јавните функционери, особено министрите, треба да се воздржат од изјави кои што на било кој начин може да се сфатат како закани или како етикетирање на медиумите. Приниципиелно, таков начин на комуникација не може да влијае на професионализацијата на медиумите.

ЗНМ: Осуда за притисокот на Османи кон медиумите

Вицепремиерот Бујар Османи говорејќи за скандалот во ПИОМ се закани со тужби до сите медиуми кои овој скандал го поврзуваат со функционери на ДУИ. Напоменуваме дека работа на медиумите е да истражуваат и изразуваат сомневања за сите функционери, без разлика од која партија доаѓаат, а владините претставници, во случајов вицепремиерот кој е задолжен за евроинтеграциите, треба да се воздржат од закани со тужби во духот на слободниот говор за кој декларативно се залагаат.

Евентуалните недоразбирања треба да се решаваат по пат на транспарентност и отвореност, а не со закани за тужење.

ЗНМ: Министрите да се воздржат од изјави што се сфаќаат како етикетирање

Во контекст на изјавата на министерот Роберт Поповски каде се сугерира дека во ТВ Алфа има влијание на структури од претходната власт, пак, сметаме дека коментари со кои на политичка основа се етикетираат медиуми, не придонесуваат за подобар медиумски амбиент и европски вредности.

Професионализацијата на медиумите, вклучително и на оние кои со години ги кршеа или ги кршат професионалните стандарди е долг процес во кој се бара конечно и целосно одлепување на сите политички влијанија во медиумите, во насока на стандардизирање на етичките и морални принципи на новинарството, а во тој процес сите општествени чинители, вклучително и членовите на Владата треба да бидат повнимателни.

Апелираме до медиумите да се стремат да ги почитуваат врвните професионални и етички стандарди. Потсетуваме дека телата за саморегулација и јавноста може да ценат за професионалноста или непрофесионалноста на медиумите и начинот на кој тие работат и известуваат. Сите граѓани, а меѓу нив и функционерите и министрите, ги охрабруваме, преку овие тела да овозможат подигање на стандардите на медиумите, бидејќи кршењето на тие стандарди не е во ничиј интерес, а најмалку во полза на довербата во медиумите.