СКОПЈЕ 13.07.2017 – Граѓанските организации кои се насочени кон заштита и промоција на човековите права, на новинарите, нивните здруженија, мрежи и медиумски организации ќе бидат поканети да аплицираат за финансиска поддршка од програмата за мали грантови „Заштита на слободата на медиумите и слободата на изразување во Западен Балкан“.
Повикот за аплицирање ќе биде отворен на 25 јули, 2017 година и ќе биде затворен на 31 август, 2017 година. Вкупната вредност на програмата за помали грантови изнесува 267,000 евра, кои ќе бидат распределени на 15 организации (5 поголеми регионални проекти и 10 помали национални проекти). Временската рамка за имплементација на поддржаните проекти ќе биде од 01 Октомври, 2017 година до 31 август, 2018 година.
Програмата за помали грантови е дел од поголем проект, кој е поддржан од Европската комисија (ИПА), Регионална платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, кој го спроведува Хрватското здружение на новинарите (CJA) во соработка со пет организации од Западен Балкан меѓу кои: Независното здружение на на новинарите од Србија (IJAS), Здружението на новинарите во Босна и Херцеговина (BHJ), Здружението на новинарите во Косово (AJK), Здружението на новинарите во Македонија (AJM) и Медиумскиот синдикат на Црна Гора (TUMM). Повикот за аплицирање заедно со упатствата и формуларите ќе бидат објавени на веб страната на проектот safejournalists.net како и на веб страните на сите горе наведени организации.
Програмата за мали грантови ќе ги поддржи локалните и регионалните иницијативи со цел да се заштити слободата на говорот и слободата на медиумите. Главните апликанти за регионалните и националните грантови мора да бидат локални граѓански организации (асоцијации, фондации или приватни институти или социјални кооперативи), кои треба да дејствуваат во соработка со локална медиумска организација, или тим составен од независни професионалци (новинари). Само новинари ќе можат да учествуваат во улога на ко-апликанти, додека главниот апликант ќе мора да биде правно лице. Новинарските здруженија и мрежи можат да бидат главни апликанти во случај да се регистрирани како граѓански организации.
Две главни дејствија и таргет групи се дел од фокусот на програмата за мали грантови:
- Постапки со цел да се ублажат идентификуваните форми на притисоци на новинарите. Во овие акции, главната целна група се новинарите, додека организациите за човекови права ја преземаат улогата на поддржувачи на новинарите.
- Постапки со цел да се ублажат идентификуваните форми на притисоци врз активистите за човекови права. Во овие акции, активистите кои се спречени во делот на слободата на изразување се главната таргет група, додека новинарите/локалните медиуми ја преземаат улогата на известувачи/сведоци.
Видови на активности кои ќе бидат поддржани во рамките на програмата за мали грантови вклучуваат:
- Акциски истражувања, истражувања на политики или истражувачко новинарство на разни видови на притисок кој им се врши на новинарите/медиумите и активистите
- Произведување на извештаи во различни медиумски форми, вклучувајќи културни продукции, нивно објавување, дисеминација и промоција
- Јавно застапување и мобилизација на граѓаните за поддршка на слободата на говорот и медиумите
- Обезбедување на правна помош за новинарите и/или активистите за човекови права, вклучувајќи стратешки судски постапки за избрани случаи кои укажуваат на пошироки, системски прекршувања на слободата на изразување и слободата на медиумите.
Очекуваниот број на грантови е 15, организирани во две групи:
- Регионални акции, кои се очекува да вклучат учесници од најмалку 3 од севкупно 5 држави од Западен Балкан. Просечната големина на грантовите изнесува 30 000 – 40 000 ЕВРА со кофинансирање од најмалку 10%.
Индикативно, севкупно 5 грантови ќе бидат доделени на најдобрите апликации.
- Национални акции, кои се очекува да вклучат учесници од својата држава. Просечната големина на овие грантови се движи од 5 000 – 10 000 ЕВРА со кофинансирање од 10%. Индикативно, севкупно 10 грантови ќе бидат доделени на најдобрите апликации.
Сите апликации треба да бидат подготвени и доставени на англиски јазик.
Програмата за мали грантови е финансирана од страна на Европската комисија; ќе биде имплементирана во согласност со практиката на ЕК за суб-грантирање и генералните услови на EuropeAid/150147/DH/ACT/PRAREG Civil Society, Facility and Media Programme, со техничка поддршка од SOLIDARNA Foundation for human rights and solidarity.
Доколку сакате да ви испратиме известување за објавувањето на Повикот за редлози, Ве молиме доставете ни ги вашите информации ТУКА.