На иницијатива на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) се одржа јавна дебата во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми (ААВМУ) на која покрај претставниците на ЗНМ, присуствуваа и директорот на Агенцијата со претставници од Советот, како и репрезенти на дел од националните телевизии.
Целта на средбата беше да се разгледа и дискутира барањето на ЗНМ за измена на Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за телевизиско и радио емитување, каде што би се регулирала обврската на радиодифузерите за ангажирање на медиумски работници надвор од Скопје.
По обраќањето на директорот на ААВМУ Д-р Зоран Трајчевски кој ја отвори средбата, се обрати претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој накратко ги објасни причините зошто е потребно да се случи измената – локалната перспектива, брзината и точноста на известувањето, поголема ефикасност во работата, градење на доверба со локалните заедници како и разновидноста во информирањето.
„Локалните дописници играат клучна улога во покривањето и известувањето за вестите и настаните во Северна Македонија. Тие обезбедуваат локална перспектива, брзина и точност на известувањето, исплатливост, градат доверба и обезбедуваат разновидна покриеност, помагајќи им на националните ТВ станици да го воспостават својот кредибилитет и да допрат до поширока публика. На овој начин би се креирало јавното мислење во поширока смисла. Во моментов во ААВМУ постојат правилници со сличен домен, така што не би требало да има проблеми во вметнување на ваков тип на промени“ – рече Чадиковски во своето обраќање.
За време средбата се разви дискусија со претставниците на националните телевизии од која произлегоа позитивни предлози во однос на измените на правилникот. Генералниот став на телевизиите е дека на никого нема да му пречи да има локални дописници од други градови, меѓутоа дел од нив гледаат предизвици во делот на финансиите, односно во услови кога медиумите немаат доволно средства нормално да функционираат, се отежнува работата, а притоа нема помош од Регулаторот или друго надлежно тело. Исто така се постави и дилемата дали има доволно слободно новинари кои што би се вклопиле во потребите на овие телевизии со цел да се креира содржина која ќе ги опфаќа темите од локален и регионален интерес.
Драган Секуловски од ЗНМ, по изнесените ставови и проблематики, констатираше дека има потреба да се изработи анализа од страна на Регулаторот каде партнер во изработката ќе биде ЗНМ, со простор за учество со релевантни сугестии од националните концесионери.
Средбата претставуваше продолжение на состанокот одржан минатиот месец со директорот на ААВМУ, на иницијатива на ЗНМ, на кој присуствуваа Младен Чадиковски, Драган Секуловски, Димитар Мицев од ТВ Канал ВИС од Струмица и Неџат Аќифи од ТВ Феста Куманово, координатор од ЗНМ за овој регион.