Новата власт да не се брза со укинување на радиодифузната такса

Скопје 31.05.2017 Претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани во вторникот се сретна со Делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, предводена од известувачот за Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Лизе Кристоферсен.

На состанокот Селмани и членовите на делегацијата разговараа за политичките случувања после парламентарните избори како и за спроведувањето на Резолуцијата 1949 донесена во 2013 година, за пост-мониторинг дијалог со Македонија и напредокот во однос на соработката со Советот на Европа.

На средбата Селмани оцени дека политичката криза во Македонија која ескалираше во насилство  не треба да претставува изненадување затоа што македонскиот политички естаблишмент, кој влече корени уште од времето на комунизмот, од независноста постојано институционално одбива да се демокрартизира и да ги примени основните демократски начела предвидени формално во Уставот.

Селмани смета дека системот грдото лице го покажа за време на владеењето на Груевски, кој брутално се пресметуваше со медиумите.

Тој рече дека системот, медиумите ги контролира применувајќи ја стратегијата на морковот и стапот, тие што ги промовираат политиките на власта ги наградува со јавни пари, додека со критичните медиуми најбрутално се пресметува. Потсети дека во Македонија новинарите се  изложени на прогон со цел да се казнуваат непослушните и да се дисциплинираат останатите. Освен тоа, ЗНМ во последните 4 години има регистрирано околу 50 напади на новинари и ниеден од напаѓачите не е изведен пред лицето на правдата. Пораката е  многу јасна, тепајте ги новинарите и нема да одговарате за таа постапка, рече Селмани.

Тој на гостите од Стразбур им објасни дека власта ги корумпира мeдиумите со јавни пари. Иако владата престана да троши средства на медиумски кампањи, коруптивната пракса продолжи преку системот на наводно субвенционирање на домашната продукција во националните телевизии. Дел од коруптивниот систем се јавните и државни институции, како и општините, кои трошат пари за финансирање на медиумите со цел да ја поткупат нивната наклонетост.

Тој ги замоли гостите да ја повикаат новата власт да се откаже од идејата на првата владина седница да ја укине радиодифузната такса затоа што таквата мерка е спротивна на стандардите на Советот на Европа. Според него, ЗНМ инсистира на одржливо решение за Македонската радиотелевизија, кое ќе биде продукт на сериозна јавна дебата.

Здружение на новинарите на Македонија

Фото: ЗНМ