Обуки со полицијата за поголема безбедност на новинари на протести

Обуки со полицијата за поголема безбедност на новинари на протести

СКОПЈЕ, 12.06.2018 – Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Министерството за внатрешни работи и со Мисијата на ОБСЕ во Скопје одржаа работилница посветена на безбедноста на новинарите при известување од настани од висок ризик.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани рече дека обуките ќе помогнат полицијата подобро да ја разбере улогата на медиумите за информирање на граѓаните од протести и со тоа ќе се избегнат инциденти. „За жал, имаше примери во минатото кога припадници на полицијата од нејасни причини напаѓаа новинари на протести. Полицијата треба да научи дека новинарите на протести не им се непријатели, туку се исто така професионалци на службена должност, кои треба да се заштитат во случај да бидат нападнати од протестантите“, рече Селмани.

Тој посочи дека заедничките обуки за безбедноста на новинари за време на настани од висок ризик треба да ја зголемат меѓусебната доверба и соработка меѓу полицијата и новинарите со цел да се најдат решенија кои ќе овозможат на двете страни непречено да ги исполнат нивните работни задачи без да си пречат едни на други.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја повтори заложбата на владата за нулта толеранција за нападите кон новинарите. „Секој напад врз новинарите ќе биде најостро осуден и санкциониран. Од 1 јуни 2017 година до денеска имаме 12 случаи во кои е загрозена безбедноста на новинарите и сите се расчистени од страна на МВР“, рече Спасовски. Тој ги повика и останатите институции како што се судството и јавното обвинителство да придонесат со својата работа за зголемување на безбедноста на новинарите и слободата на говорот.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн рече дека во рамките на оваа соработка беа одржани шест обуки во различни градови во Македонија. „Една работа која ја научивме од овие работилници е дека отворен дијалог меѓу полицајците и новинарите е можен и многу корисен, за двете групи, но и за јавноста“, истакна тој.

Според него, институциите освен новите напади на новинари треба да ги расчистат и старите напади со цел напаѓачите да се изведат пред лицето на правдата.