СКОПЈЕ, 27.03.2020 – Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува претседателот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски за навредите и повиците за насилство кон новинарот на ТВ 24, Горазд Чомовски.
Јакимовски напиша статус на неговиот профил на Фејсбук веднаш по објавувањето на дел од интервјуто на Чомовски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој со погрдни зборови, какви што не доликуваат на еден политичар и поранешен градоначалник, го навредуваше Чомовски па дури и го прекори Мицкоски зошто не го потегнал за уши и да го извади надвор.
Истакнуваме дека е посебно опасно по безбедноста на новинарите да се упатуваат навреди и закани кон нив, без разлика дали заканите доаѓаат од страна на челници на големи или мали политички партии. Со ваквите повици за насилство може да се мотивира дел од партиското членство да посегне по безбедноста на новинарите, а тоа е недозволиво во едно демократско општество.
Истовремено, потсетуваме дека онлајн закани кон новинарите претставуваат кривично дело, оттука ЗНМ ќе поднесе барање до секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за спроведување на соодветна истрага.